Мицкоски смета дека победник на изборите е ВМРО-ДПМНЕ и треба да формира влада
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави денес дека неговата партија победила во 41 општина и тоа и му дава право дека го има најголемиот кредибилитет да се бори за состав на новата влада која треба да се соочи со сериозни предизвици.
Тој отфрли дека може да го прифати условот на ДУИ за премиер Албанец, или да коалицира со СДСМ, објаснувајќи го тоа со ставот дека „нема намера да коалицира со луѓе осомничени за криминал“.
„ВМРО ДПМНЕ на овие избори го победи СДСМ. бидејќи коалицијата што ја предводиме има за десетина илјади гласови помалку од коалицијата СДСМ – Беса. Така што кредибилитетот и легитимитетот за составување влада го има ВМРО – ДПМНЕ“, рече Мицкоски.
„Јас сум оптимист, затоа што настапуваме чесно и принципиелно. Алтернативата на сето ова е Заев и продолжување на агонијата“, рече Мицкоски на денешната прес конференција која е прво негово појавување во јавноста по вчерашните предвремени парламентарни избори. Тој ноќеска не се појави пред седиштето на партијата да ги коментира резултатите од гласањето, туку тоа го направи во две куси прес конференции генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев.
Според Мицкоски резултатите покажуваат дека опозицијата освои повеќе гласови од власта, а ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе пратенички мандати одд СДСМ без оние на БЕСА во редовите на коалицијата „Можеме“.
„ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За обнова на Македонија’ победија во 41 општина – во Скопје, во Ѓорче Петров, во Бутел, Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Сопиште, Петровец, Илинден, победивме во Македонски Брод, Велес, Карбинци, Виница, Кратово, Зелениково, Македонска Каменица, Зрновце, Пробиштип, Пехчево, победивме во Свети Николе, Штип, Чешиново и Облешево, Босилово, Гевгелија, Градско, Демир Капија, Василево, Росоман, Кавадарци, Кривогаштани, Могила, Неготино. Победивме во Прилеп, во Вевчани, Дебарца, Охрид, Струга, Демир Хисар, Кичево, Брвеница и Јегуновце“, рече Мицкоски додавајќи дека овој резултат е постигнат во тешкки околности, силни притисоци и бројни нерегуларности, власта спровела масовен поткуп.
„Денес сајтот на ДИК не работи, а добиваме информации дека сомнително се броени и внесувани податоците“, рече тој додавајќи дека не сакале тоа да стане главна тема во кампањата „затоа што понудата и обновата е она што им треба на граѓаните“. (М.Ј.)