Мицкоски се жали во Брисел место да работи на почнување преговори

„Кога некој ќе ми каже дека во ЕУ важи правилото за едногласност тоа за мене е ултиматум, тоа не се европските вредности“, рече Мицкоски по разговорот со Мишел


Христијан Мицкоски и Урсула фон дер Лајен

 

Премиерот Христијан Мицкоски, кој престојува во работна посета на Брисел, денеска заедно со останатите лидери од земјите од Западниот Балкан присуствуваше на работен ручек организиран од  претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Во објава на платформата Икс по средбата, Фон дер Лајен наведе дека сите шест земји партнери од Западниот Балкан и припаѓаат на Европа.

„Тоа е она на кое што работиме. Паралелно, ги доближуваме нивните економии и пазари до нашите со нашиот План за раст од 6 милијарди евра за регионот“, наведе Фон дер Лајен во објавата.

Глави теми на работниот ручек беа меѓусебната соработка и Планот за раст на Западниот Балкан, во чии рамки е формиран Инструмент за раст и реформи вреден шест милијарди евра, наменети за реформи и проекти поврзани со социо-економската сфера и основните права.

Вучиќ од ручекот со фон дер Лајен излезе пред новинарите со информација дека Србија во јануари ќе биде дел од СЕПА, Европскиот единствен платежен систем, дека се разговарало за поголеми бенефити од зелените коридори и за реформскиот процес за кој земјата ќе добие една милијарда и 500 милиони евра на крајот на октомври или почетокот на ноември.
 
„Разговаравме за плановите на новата Европска комисија, чиј мандат истекува за пет години. Не сакам да зборувам за кажаното, што е важно за нас, верувам дека ќе успееме да скокнеме во тој воз. Разговаравме и за зелените коридори. Ова е од исклучителна важност, би овозможило поголем профит и повисоки плати. Разговаравме стратешки за европскиот пат. Претседателот на ЕК наскоро ќе ги посети регионот и Белград“, изјави Вучиќ. Тој рече дека „само една земја не дојде со исполнети критериуми, од друга страна, еден ентитет не ги почитуваше правилата на ЦЕФТА“.
 

За разлика од Вучиќ, Мицкоски не се појави пред камери по оваа средба туку на социјалните мрежи напиша дека „присуствувал на ручекот на кој фокусот на агендата беше планот за развој на Европската унија. Подвлекол дека регионот и државата се уморни од ставање настрана и од пречки кои се билатерални, а не се дел од објективните критериуми за пристапување во Унијата така што мора да се направат поголеми напори за внесување на доверба и кредибилност на целиот процес.

„Ја повторив нашата заложба за остварување на стратешката цел, членство во Унијата и напредок базиран на реални и одржливи критериуми“, напиша Мицкоски.

 

Мицкоски потоа оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел со кој разговарал за европската иднина на регионот и македонските потенцијали.

„Европа да, врз основа на објективни и реални критериуми“, напиша на Фејсбук страницата премиерот Мицкоски, без конкретни детали, во стилот на најавите дека ќе ги пренесе во Брисел нашите фрустрации од предолгото чекање преговори иако сите очекуваат да презентира иницијативи и предлози. 

Во изјавата по разговорот со Мицкоски повтори дека процесот на интегрирање на Македонија и на регионот треба да се темели на заслуги, а не на билатерални прашања.

„Од почетокот на овој процес ние сме жртви на билатерални прашања.  За нас принципот што се кажува – дека тие се внатре а ние сме надвор и тоа треба да го разбереме – е неприфатлив“, рече Мицкоски.

Тој добил уверувања дека ЕУ има желба да нѐ прими, а ако има желба според него има и начин, додавајќи дека во целиот овој процес ние како држава не сме биле само жртва туку сме биле и понижени.

„Кога некој ќе ми каже дека во ЕУ важи правилото за едногласност тоа за мене е ултиматум, тоа не се европските вредности во кои се вљуби мојата генерација“, порача Мицкоски по средбата со Мишел. Тој сепак порача дека е подготвен да разговара со секого колку тоа да е потребно  додека не се најде решение кое нема да биде понижувачко. 

Спротивно на тоа, премиерот Еди Рама имаше средба со еврокомесарот Оливер Вархеји по која еврокомесарот најави можна одлука за отворање на првиот кластер „Основи“ за преговарање со Албанија.

„Албанија измина долг пат од почетокот на овој мандат. Охрабрен сум од премиерот Еди Рама 
дека можеме да постигнеме решение за да можеме да продолжиме напред на патот на Албанија кон ЕУ и да ги отвориме пристапните преговори за Кластерот 1: Основи. Подготвени сме да продолжиме“, напиша Вархеи. (Н.В.)