Мицкоски се заканува на судиите: По изборите ќе бидете сменети и ќе одговарате!


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Демир Капија ги анализираше постапките на претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.

„Морам да прокоментирам една изјава на претседателот на СДСМ. Тој кажа дека немам право да го обвинувам СДСМ и ДУИ за судството и обвинителството, затоа што 15 месеци сме биле Влада и немало некои големи кривични случаи. Затоа чувствувам потреба да му одговорам –  нема големи кривични случаи само поради една причина, а тоа се малкумина ваши лакеи кои ги има во обвинителството и судството кои не дозволуваат вака големи кривични пријави иако истражните органи како МВР и останатите надлежни сработија десетици случаи на висока корупција кога влада беа СДС и ДУИ“, кажа Мицкоски.

Мицкоски објасни дека сега грчевито нивните лакеи заедно со нив се борат да се опструираат истрагите поткрепени со докази за да можат оние поранешни функционери од СДС и ДУИ кои ја крчмеа, распродаваа, разнебитуваа Македонија не одговараат.

„Но, имам лоша вест, локалните избори ќе завршат и вашите лакеи ќе бидат сменети и ќе дојдат вистински судии и обвинители и ќе одговарате. Обрачот се стега и нема бегање од одговорност. А, сите ваши лакеи, добро што се малкумина, ќе бидат разрешени и ќе одговараат за попречување на правдата“, вели Мицкоски.

Од Неготино, Мицкоски упати порака и до раководството на ДУИ, јасно посочувајќи им дека не е албанофоб, како што тие кажуваат, туку дека е криминалофоб кој ги презира политичките криминалци кои во политиката влегоа голтари, а излегоа милионери и се богатеа на грбот на граѓаните и дека од прв до последен ќе одговараат за криминалот кој го правеле.

„На секој митинг ги слушам од раководството на ДУИ, како ме нарекуваат ваков, таков, споменуваат орли, зајци за да последно ме наречат албанофоб. Еве јас оттука од Неготино, би сакал и ним да им одговорам. Јас не сум ниту албанофоб, ниту каков било човек којшто е ксенофоб и којшто има проблем со етничката припадност на кој било мој сограѓанин во нашата заедничка татковина, Македонија. 

Но, да сум криминалофоб и ги презирам оние политички криминалци коишто во политиката влегоа голтари, а излегоа од политиката милионери и сега мислат дека на етничка карта ќе играат и народот ќе заборави што правеа 20 години кога градеа дворци, кога купуваа трговски центри, кога купуваа скапи деловни простории во центарот на Скопје, кога купуваа мајбах автомобили и што уште не, на грбот на нашиот народ. Е јас сум тоа, криминалофоб и ќе одговарате од прв до последен за криминалот што го направивте“, порача Мицкоски.