Мицкоски се сретна со Орбан


 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска, заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски во Будимпешта оствари средба со премиерот на Унгарија, Виктор Обран.

На средбата се разговарало за актуелната политичка и економска состојба во земјава, главните предизвици со кој таа се соочува, за стратешките интереси и перспективи како и прашања поврзани за меѓусебна соработка на партиско ниво меѓу партиите на Мицкоски и Орбан во рамките на Европската народна партија.

Мицкоски му се пожалил на Орбан дека европските перспективи на земјата се важни, но се загрозени од владата на премиерот Зоран Заев.

Мицкоски изразил загриженост поради криминалите и корупциските скандали со кој се соочува владата на премиерот Заев, како и отсуството на правни разрешници на таквите криминални афери кои го загрозуваат функционирањето на правната држава, соопшти партијата.

-И покрај отсуството на реформи, и сериозните индиции за криминално работење на владата кое допрва треба да се преиспита, сметам дека е потребно земјава да добие датум за преговори поради фактот што граѓаните не смеат да бидат заложник на неспособноста на Владата како и поради потребата да се воспостави уште еден контролен механизам врз владата преку поблиско мониторирање на нејзината работа од страна на европските институции, рекол Мицкоски.

Според него недостатокот на владеење на правото го следат и лоши економски резултати.

Како што претходно објави „Независен“, посетата на Будимпешта го отвора прашањето дали ќе се сретне и со поранешниот премиер, Никола Груевски, кој е почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Таква средба нема да има“, тврдат од партијата за „Независен“.

Груевски доби азил во Унгарија од каде редовно ги коментира случувањата на македонската политичка сцена.