ВМРО: Мицкоски во Будимпешта ќе се види со Орбан, не и со Груевски


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска и утре ќе отпатува во работна посета на Австрија и на Унгарија. Како што соопштија од партијата, при краткиот престој во Виена, Мицкоски ќе има средба од научен карактер, размена на искуства и информации поврзана со неговата професорска дејност на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Во Будимпешта, пак, Мицкоски и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски ќе се сретнат со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„На средбата се очекува да се разговара за прашања поврзани со актуелната политичка и економска состојба во Република Македонија, како и размена на информации на ниво на сестринските партии за правците на понатамошно делување во пресрет на претстојниот Конгрес на Европската народна партија и изборот на новото раководство“, се наведува во соопштението.

Посетата на Будимпешта го отвора прашањето дали ќе се сретне и со поранешниот премиер, Никола Груевски, кој е почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Таква средба нема да има“, тврдат од партијата за „Независен“.

Груевски доби азил во Унгарија од каде редовно ги коментира случувањата на македонската политичка сцена.

Мицкоски и Орбан соработуваат и преку сојузот на европски десничарски партии (ЕПП) каде членуваат ВМРО-ДПМНЕ и Фидез. Фотографијата е снимена при нивната средба во февруари 2018 година.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека Мицкоски и Николоски веќе в петок ќе ги предводат партиските делегации што ќе учествуваат во прославата на Илинден во струшкото село Ташмаруниште, односно во Крушево. (Г.А.)