Мицкоски се брани за Кочани: Имаме еден член на владата во притвор


Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања потенцираше дека обвинителството ја води истрагата за несреќата во Кочани, а не владата, и дека обвинителството кажува кој ќе биде опфатен со неа. Тој исто така посочи дека во моментов 68 лица се опфатени меѓу кои има актуелни функционери, што во време на СДСМ  била невозможна мисија. 

-Не мислев дека можете толку ниско да се спуштите и се уште да се обидувате да се качите на бранот на колективната трагедија која ја зафати државата. Барем пратеничката група на СДСМ има најмалку право да зборува за морал.  Што се однесува за оставките за 5 месеци од денеска ќе започне кампања за локални избори и граѓаните ќе кажат чија политичка кариера завршува, чија продолжува и во каква форма. Граѓаните ќе кажат.  Тоа што играте на картата на кратко помнење и континуирано ги навредувате граѓаните мислејќи ќе добиете политички поени, ве советувам, не, нема да добиете, туку губите, изјави премиерот Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Митко Трајчулевски. 

Тој навести и расправа за другите трагедии за да го освежи сеќавањето на пратеникот за судењата околу нив. 
 
– Нека ви кажат сопартијците за модуларната болница, за Ласкарци и за Беса Транс колку беа опфатени со истрага и колку кривични пријави беа поднесени во тој момент. Ако не ви кажат, набргу од денеска ќе има расправа во Собранието и ќе слушнете од другите колеги пратеници и зошто, кој и како.  Истрагата за Кочани ја води јавниот обвинител, не јас, не владата. Ако јавниот обвинител одлучи дека мене треба да ме приведат, нека ме приведат. Седум години не затворавте, не приведувавте и до ден денеска ВМРО-ДПМНЕ е под прогон на обвинители од времето кога СДСМ ги бираше. Издржавме и затвор е за мажи, а во нашиот случај и за жени. 68 лица досега се опфатени во истрагата од страна на јавниот обвинител, обвинителството и сите кои се задолжени за ова. За разлика од модуларната болница, Ласкарци , Беса Транс каде починаа 75 наши сограѓани имаше нула. Овде има 68 лица, дали ќе бидат 168 ќе каже обвинителството, не јас, не министерот за внатрешни работи, туку обвинителството заедно со судот одредуваат, потенцираше премиерот Мицкоски.
 
Премиерот Мицкоски додаде дека да нема дилема ако обвинителот рече дека треба да се приведат високи функционери од оваа влада, ќе се случи тоа.

 

-Еден член на владата е во притвор. Во ваше време тоа беше невозможна мисија. Повикани на информативен разговор високи функционери од страна на обвинителството, не од моја страна, не од страна на министерот за внатрешни работи. Истите обвинители и судии кои вие ги биравте, вашиот Совет за јавни обвинители и Судски совет кои вие ги биравте, не ВМРО-ДПМНЕ и треба работите правилно да се кажуваат, македонската јавност треба да ја знае вистината.  Актуелен градоначалник е притворен, во време на СДСМ тоа беше невозможна мисија, рече Мицкоски.

Претходно  Трајчулески упати реќе дека по повеќе од еден месец можеме јасно да заклучи дека кај највисоките владини функционери не постои морална вертикала, дека не постои чувство на морална одговорност и затоа денес нема ниту една оставка од морални причини.

-Ова е поразително за една влада по несреќа од вакви размери и со толкав број на изгубени човечки животи. Но, за моралот не се дискутира, човек или го има или го нема.

Вториот заклучок е водење на селективна истрага која во суштина треба да ги заштити сегашните носители на високи позиции во Министерството за внатрешни работи,Државниот пазарен инспекторат и други институции од нивната одговорност.Целокупното водење на истрагата само ја потврдуваат тезата за контаминираност на истрагата и обид со разводнување на истата да се прикрие директната одговорност на оние кои требало да превенираат и да спречат. Ширењето на истрагата со децении наназад е само обид да се задоволи јавноста за сметка на откривањето на директните виновници за пожарот во дискотеката.

Неуспешен ќе биде обидот да се префрли целосната вина единствено на лица кои се индиректно врзани за последицата и кои биле носители на одредени функции пред повеќе од 10 години, а во исто време да не се повикаат на одговорност оние кои направиле сериозни пропусти во моментот на случување на несреќата.

 МВР е директно одговорно за контрола на процесот на употреба и давање дозвола за користење на пиротехника во затворен простор што е директна причина за пожарот, МВР не подготвило официјален план за обезбедување на настанот, МВР не направило процена на ризик, МВР не презеле никакви активности за прекин на настанот иако утврдиле присуство на малолетници, употреба на пиротехника и тоа во клуб за кој биле должни да знаат дека не поседува валидна лиценца.И наместо насочување на истрагата на директните виновници ние гледаме правно политички акробации кои се насочени кон задоволување на јавноста, но не и на правдата.

Почитуван премиере, најмалку што должи оваа држава на семејствата на починатите, на повредените и нивните семејства е правда. Правда која ќе ги опфати и индиректните одговорни лица, но пред сè директно одговорните. Правда водена од словото на законот, а не од политиката.Моето прашање за вас е дали свесното и тенденциозно разводнување на истрагата е со цел да се попречи правдата и да се заштитат актуелни функционери кои се директно виновни за непосредните причини за пожарот и страшните последици од истиот кои однесоа 62 млади животи?-праша пратеникот на СДСМ.