Мицкоски преку Филков пушти пробен балон за Рамковниот договор, тврди Бујар Османи

Поранешниот министер за надворешни работи, а сега кандидат за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, вели дека изјавата на министерот за правда, Игор Филков, за ревидирање на одредбата за Бадентеровото мнозинство не е случајна, туку дека тоа било со знаење на премиерот Христијан Мицкоски.
„Мислам дека тоа е стратегија на премиерот, кој им наредува на министрите да даваат изјави како пробен балон, да го нормализираат како тема, а потоа излегува со празни негирања. Тоа е дел од стратегијата за демонтирање на Охридскиот договор. Шокантно е молчењето на ВЛЕН кон таква опасна акција, кон отворање на оваа опасна дебата и останувањето во скутот на ВМРО и покрај фактот дека се гледа дека постои план за демонтирање на Охридскиот договор“, рече денеска Османи.
Тој вели дека „Албанците нема да дозволат демонтирање на Охридскиот договор, нема да дозволат поништување на нивниот државотворен статус и трансформација во малцинство, враќање на мајоризацијата. Оваа акција нѐ најде обединети, како што сме денес, но ќе не најде обединети и во превенцијата. Ги повикувам и Македонците, Турците, Ромите и Бошњаците да не дозволат клептократска влада, облечена во маската на национализмот, да презема акции што ќе го загрозат мирот, стабилноста и европската перспектива на нејзините граѓани. Нема да дозволиме Охридскиот договор да биде допрен“, нагласи Османи.
„Тоа е во директна спротивност со извршната наредба на американскиот претседател, кој го смета доведувањето во прашање на Охридскиот договор за антиамерикански интерес. И оваа изјава е нарачана од премиерот, за потоа да може да излезе и да ја негира, но да се разговараа за темава и да се нормализира, како што беше со балансерот, со албанскиот јазик, со непочитувањето на волјата на граѓаните, да се излезе полека, да се донесе одлука преку ноќ, тоа не поминува“, рече тој.
Според него, Националната алијанса за интеграција била формирана за оваа цел. „Затоа, претстојните избори не се само локални избори, тие се референдум, за да се зачува еднаквоста, Охридскиот договор, европската перспектива, и нема да дозволиме да станеме мајоризирано малцинство како што беше пред 2001 година“.
Тој додаде дека 461 пратеник од Европскиот парламент изгласале извештај според кој Македонија станува дел од српскиот свет.
„Елементите на српскиот свет го фаќаат системот. Ова е изолација од ЕУ, станување дел од српскиот свет, кој е прокси на рускиот свет. Иднината на државата е загрозена“, рече Османи.