Мицкоски предлага избори на 8 мај. Тогаш и првиот круг на претседателските избори треба да биде во среда


 

„ВМРО-ДПМНЕ логично размислува“ – изјави денеска претседателот на партијата Христијан Мицкоски околу можниот датум за одржување заедно на претседателски и парламентарни избори.

Како што пред некој ден изјави и спикерот на парламентот, Талат Џафери, и Мицкоски вели дека единствената недела каде што можат да се поклопат вториот круг претседателски и парламентарните избори е 5 мај. Тогаш е Велигден.

„Во минатото имавме пракса, така беше на последните избори 15 јули 2020 година, и во среда имаме избори и затоа велиме дека 8 мај е повторно можен термин кога би се случил вториот круг претседателски заедно со парламентарните. Би имало 72 часа рокови за жалби, за одлуки и така натаму и да се фати рокот од 12 мај да може новиот претседател да биде инаугуриран. Ова е логиката“, рече денеска во Гевгелија Мицкоски.

Но логиката има и друга страна, онаа законската. Според законот, вториот круг на претседателските избори се одржува 14 дена по првиот. Што значи дека и првиот круг треба да биде во среда, на 24 април. Двата дена треба да бидат неработни.

Мицкоски повика да се изгради политички консезус за датумот на парламентарните избори: „Да видиме дали од другата страна постои некое логично размислување здраворазумско и да ја дефинираме целата постапка“.