Мицкоски: Прашањето за наталитетот е прашање за нашата егзистенција


 Денес мора да донесеме одлука – да не ја оставиме татковината да згаснува тивко, туку со сите сили да ги вратиме надежта, радоста и детската насмевка во секој дом. Но, истовремено мора да внесеме и надеж. Владата ова прашање го гледа како прашање на иднината на нацијата и затоа го поставува како еден од највисоките национални приоритети, потенцираше премиерот Христијан Мицкоски на денешната централна свеченост на која беа одбележани 34 години од осамостојувањето на државава.

– Ние сме решени да изградиме систем кој ќе ја охрабри младата генерација да остане тука, да создаде семејство и да верува во својата иднина дома. Тоа значи постојана работа на политики што ја зајакнуваат довербата во државата, што нудат стабилност и чувство на сигурност, што отвораат перспектива за секој млад човек, дека овде може да има достоинствен живот. Нашата визија е Македонија да стане земја во која детската насмевка ќе биде најголемата вредност, земја во која родителите ќе знаат дека нивниот труд и љубов се вреднувани, земја во која иднината не се гледа во иселување, туку во создавање, истакна премиерот.

Затоа, како што рече, Владата останува посветена да вложува во луѓето, во семејствата, „во секое ново дете што ќе се роди“.

– Тоа е суштината на нашата мисија – да обезбедиме Македонија да ја има и утре и задутре и во генерациите што доаѓаат, подвлече Мицкоски.

Премиерот рече дека залудно е сè, ако има сè помалку луѓе во државата.

– Не можам да бидам мирен кога се знае и е јасно дека Македонија ја има сè помалку. Може ние да се расправаме за патишта, клучки, за даноци, плати и пензии. Но, залудно е ако имаме сè помалку луѓе. Ако наталитетот е во рецесија. Залудно правиме патишта ако нема кој да вози по нив, да градиме училишта ако клупите се празни или да градиме игралишта ако нема детски жагор во нив. Залудни се сите наши борби и грижи ако за 70 – 100 години, народот ни се преполови. Ние не сме многуброен народ, а прашањето за наталитетот е прашање за нашата егзистенција како народ и држава, додаде премиерот.

Тој посочи дека во Битола, во 2015 година, прво одделение започнале 960 првачиња, а десет години подоцна, само 651 дете.

– За една деценија изгубивме повеќе од 300 ученици – една цела генерација што ја нема. Во Тетово, каде пак миграцијата од село во град е голема, во 2022 година имавме 1076 првачиња, а оваа година само 940. Во Охрид, во 2022 имаше 560, а во 2025 – едвај 440 деца. Тоа значи дека секоја паралелка се гаси пред нашите очи. Најдраматичен е примерот на Радовиш: во 2022 година имаше 208 првачиња, а оваа година – само 139. За три години, речиси 70 деца помалку. Овие бројки не се само статистика. Тие се приказни за затворени училници, за празни игралишта, за мали градови и села што полека се празнат. Денес мора да си кажеме вистината: Македонија ја има сè помалку, рече премиерот.

Премиерот се осврна и на економските показатели и на животниот стандард на граѓаните. Порача дека пред нас стојат големи предизвици, но и големи можности и дека државата веќе прави чекори напред. 

Оцени дека во изминатата година ипол поправени се многу работи, се отвораат нови работни места, а економијата закрепнува.

– Свесен сум дека многу луѓе живеат многу тешко и дека едвај врзуваат крај со крај во месецот и дека животот е многу скап. И како што секогаш посочувам – не постои магично стапче за решавање на проблемите. Би сакал да има, но ја кажувам реалноста дека сами се бориме за подобар живот. Но, работите се менуваат. Во оваа година ипол власт поправивме многу работи и ја поставивме основата и темелите за она што треба да биде поубав, подобар и побогат живот за секој еден човек. Потребни се трпение и упорност. Макроекономските показатели покажуваат дека економијата се буди и дека имаме тренд на раст. Но треба време бројките кои сега ги гледаме во статистичките извештаи, а се исклучително позитивни, да вродат и со реално подобрување на животниот стандард и народот многу брзо од сега да почувствува повеќе пари, рече Мицкоски.

Посочи дека наредната година ќе биде година на економски успеси и реално подобар животен стандард. Само со здрава економија, рече Мицкоски, можеме да им понудиме на младите перспектива за побогат и достоинствен живот дома.

– Само со побогати семејства можеме да ја охрабриме секоја мајка и секој татко да се радуваат на нов живот. Визијата е јасна – Македонија како земја каде што секое семејство живее подобро од вчера, и каде што иднината е посветла, постабилна и побогата. Тоа е заедничката цел кон која чекориме и во која веруваме, рече Мицкоски во обраќањето на централната свеченост по повод 34-годишнината од осамостојувањето.