Мицкоски не сака попис, сака предвремени избори


Фото: Борис Грданоски
 
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска рече дека треба што поскоро да се одржат предвремени парламентарни избори.
 

„Час поскоро треба да се одржат предвремени парламентарни избори, бидејќи ова нестабилно, мало, тенко владино мнозинство покажа дека Македонија е хибриден режим, дека е заглавена во корупција и е на 111-то место. Според сите останати други скали на мерења, по број на странски инвеститори, по пад на економија, ние уназадуваме или сме на дното во регионот“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на компанијата Порше Македонија.

Според него, Владата цело време бара алиби за неуспесите, но јасно покажала дека не знае како, нема вештини и нема план како да ја води државата.

„Треба да има предвремени парламентарни избори, ново, стабилно владино мнозинство, но придобивките нема веднаш да дојдат преку ноќ. Треба многу работа, многу откажување, чесни луѓе и чесни политичари кои не се огрешени и заглавени во криминал за да можеме Македонија да ја извадеме на прав пат. Со овие луѓе нема иднина“, рече Мицкоски.

Додаде дека се работи, „да бидеме трпеливи“, да се почека, како и дека се можни предвремени парламентарни избори заедно со локалните.

Во меѓувреме, како што најави, ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе поднесе закон за потекло на имотот на сите што се занимаваат со политика.

„Нека почнат од мене и моето семејство, ама втор да биде Зоран Заев“, изјави Мицкоски.

 Мицкоски говореше и за пописот при што оцени дека тој  треба да се спроведе пролетта во 2022 година.

-Нашиот став е јасен. Попис треба да има пролетта во 2022 година, во март или април. До тогаш ќе имаме фингер принт терминали кои веќе ќе бидат искористени на локалните избори. Доколку сега сакаат, имаат можност да направат електронски попис со точност од 5 отсто, односно да попишат 95 отсто од населението, а само 5 отсто да го посетат, рече Мицкоски.

Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не бил за бојкот на пописот. Потсети дека пред два дена ВМРО-ДПМНЕ почна иницијатива за собирање потписи за поднесување закон во рамки на Собранието за укинување на Законот за попис. Според него, ова ќе биде политички попис, политичка операција со „договорени проценти“, а не статистичка операција. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека иницијативата денеска е стигната во Собранието и додаде дека очекува да го информираат, како подносител на таа иницијатива.

Тој потенцира дека ставот на нивната партијата е здравјето на граѓаните пред се, апелираше на разум, „да не се загрозува здравјето на граѓаните, да има одложување на пописот или, пак, електронски попис, како и дека треба време за да обучат и попишувачите“.