Мицкоски потврди: Не сме веќе со Данела Арсовска

Арсовска тврди дека директорот на „Водовод и канализација“ фаворизирал фирма која изградбата на пречистителната станица ќе ја завршела поскапо за 20 милиони евра


 

Соработката меѓу градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и ВМРО-ДПМНЕ истурка едвај 10 месеци и нејзиното растурање го потврди денеска Христијан Мицкоски. Арсовска беше независен кандидат на изборите за градоначалник на Скопје, но целосно политички логистички поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Победата на изборите лани во октомври таа дури ја прослави и пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. 

Мицкоски рече дека во животот не секогаш се исполнуваат очекувањата. „За мене е важно Скопје да се развива и затоа поддржавме независен кандидат и во животот имате моменти кога ќе видите дека очекувањата не се исти како кога сте ги имале тие очекувања, а потоа едноставно патиштата можат да одат во различни насоки“, рече тој. 

На прашањето дали ќе продолжи да биде дел од мнозинството во Советот на Град Скопје, Мицкоски не одговори конкретно, но рече дека ќе го поддржи секој проект за доброто на градот.

 „Што се однесува до мнозинството во Советот, ВМРО-ДПМНЕ има лидер, професорот Трајко Славевски е таму, имаме мнозинство, но работите се флуидни, денес имате, утре немате, не е многу важно“, рече Мицкоски. 

Конечната бура изгледа дојде откако Град Скопје на 9 септември го разреши директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, а генералниот секретар Ѓоко Велковски објави дека си поднел оставка, додека од кабинетот на Арсовска соопштија дека и тој бил разрешен. Наводно, и двајцата учествувале во недозолени дејствија при изборот на изведувач за изградба на пречистителнта станица во Скопје, проект вреден 136 милиони евра.

Перински, иако е разрешен, денеска свика прес-конференција во седиштето на „Водовод“ на кој се појави и Арсовска. Перински зборуваше за успесите што ги постигнал како директор на претпријатието, додека Арсовска обвини дека фаворизирал фирма за изградба на пречистителната станица која работата би ја завршија за 20 милиони евра поскапо од најниската понудена цена.

Перински објаснуваше како дошло до оваа ситуација: „Кон крајот на јуни добив допис од Град Скоје да се смени Комисијата која ја прави евалуацијата за изградба на пречистителната станица, Комисија за супервизијата и третото барање да ја сменам и Комисија за жалби. За сето ова да се направи ние имаме обврска да се обратиме до Европската инвестициска банка која е инвеститор на проектот. Од банката добив мислење дека не е добро во оваа фаза кога евалуацијата е во тек да се менуваат членови на комисиите затоа што тоа ќе значи одлагање на проектот и државата ќе плаќа камата за некористење на кредитот. И тие одговори ги доставивме до Арсовска со мислењата од Европската банка и консултантите. Сѐ до петокот немавме никакво известување од Арсовска иако членовите од комисиите беа повикани денес да се пристапи кон отворање на финансиските понуди. Не го закажавме ние отворањето на понудите, туку европската банка и консултатнтите. Да не си играме со вакви паушални обвинувања затоа што сето ова може да го загрози проектот за кој државата има добиено грант од 70 милиони евра“.

Но градоначалничката Арсовска имаше друг поглед на нештата. „Ние изразивме сомнеж бидејќи во изминатите месеци, ниту Град Скопје, ниту Советот, ниту јас како градоначалник имаме добиено информација за во која насока се движат процесите врзани со избирање на најдобар понудувач за пречистителната станица. Кога ние добивме индиции дека лицата внатре во комисиите работат нетранспарентно, односно не известуваат за ништо што се случува таму во тој процес. Побаравме да се променат членовите во комисијата. Директорот за еден ден си обезбедил претходна согласност и имале преписки со европските банки притоа наведувајќи ги во која насока сакаат да биде нивниот одговор и тоа кај нас покрена сомнение дека нешто не е соодветно. Нетранспарентноста во целата постапка е она кое што ги покрена сите овие сомнежи. Ние како град Скопје нема да дозволиме со средства кои се обезбедени од европските банки и се обезбедни од државата некој да си подигрува. Процесот може да почне од ново. Процесот ќе биде јасен, јавен и транспарентен, сите скопјани да знаат на кој начин ќе се одвива постапката“, рече Арсовска.

Инаку, Златко Перински е близок соработник на Христијан Мицкоски и беше шеф на неговиот кабинет пред да замине на функцијата во „Водовод и канализација“. (Н.В.)