Мицкоски: Полукриминални групи вршат притисоци врз пратеници кои сакаат предвремени избори


Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска од Охрид обвини дека полукриминални групи контролирани од СДСМ и ДУИ вршат притисок врз пратениците од власта кои сакаат да поддржат предвремени избори.

Одговарајќи на новинарско прашање по осветувањето на водите на Охридското Езеро за тоа дали има пратеници од власта кои сакаат избори, посочи дека нема рационален човек во македонскиот Парламент што и сака добро на Македонија, а да не сака избори.

– Па, мислам дека не би имало човек во Парламентот, рационален човек кој што и сака добро на Македонија, а да не посакува избори. Но, оние полукриминални групи кој што, високото раководство на СДСМ и ДУИ ги контролираат и се дел од македонското подземје, веќе почнуваат да вршат притисок врз тие пратеници, изјави Мицкоски. Изрази убедување дека, како што рече, и покрај притисоците, тие ќе останат доследни, бидејќи борбата за Македонија нема цена.

-Исплашен за својата фотелја во Белиот дворец, Мицкоски се заплетка во сопствените лаги. Затоа денес, на голем православен празник мора да пласира нови. На почеток на оваа година, токму на Божиќ, Мицкоски изјави дека на крај на јануари ќе собере 61 пратеник и ќе се случи распуштање на Собранието. Еве, дојде крај на јануари нема ништо од неговите најави, нема распуштање на Собрание, Мицкоски го излажа народот. Затоа кога очигледно нема ни близу 61 пратеник за распуштање на Собранието, Мицкоски мора да пласира нови лаги, за наводни притисоци врз пратеници. Не доликува на било кого, најмалку на политичар, верските празници да ги третира како мека за лажење на народот.Ниту има, ниту ќе има распуштање на Собранието, ниту пак има притисоци врз пратеници, стои во реакцијата на СДСМ.