Мицкоски почна кампања за локалните избори
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и претставници на партијата денеска имаа средби со занаетчии од Старата скопска чаршија во рамки на серијата средби што оваа партија ќе ги има до почетокот на претстојните локални избори.
-Денеска практично ја отпочнуваме клучната подготовка за локалните избори што ќе се одржат за неколку месеци од денеска. Симболично ја започнуваме токму од овде од Старата Скопска чаршија и имавме можност да разговараме со неколкумина занаетчии. Тие ја пренесоа нивната загриженост околу моменталната економска би рекол состојба во државата, се разбира ја споделија грижата и од последиците од пандемијата кој што самите ги чувствуваат како понатаму ќе се развива државата, разочараноста од досегашниот пристап на владата во делот на помошта која што изминатиот период брутално ја злоупотребуваше за насилен поткуп, наместо да има помогне на оние кои што се погодени од кризата, изјави Мицкоски по средбите.
Тој најави дека во претстојниот период ќе продолжат да имаат средби со граѓаните и да разговараат за реалните проблеми.
-Ќе имаме средби насекаде во Македонија со луѓето кои што практично се борат на реален терен со реални проблеми, а не со оние замислени розеви очила седнати во дебели кожни фотелји каде што газат црвени дебели персијански килими во владата и во министерствата, со скапо платени ПР агенции да ни кажуваат дека животот е розов, а во суштина реалноста е сосема поинаква, односно би рекол спротивна од она што владата преку скапо платената пропагандна машинерија се обидува да не убеди, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.Тој додаде дека реалното чувство на граѓаните, на стопанствениците, на занаетчиите е сосема спротивно од она што, како што рече, се обидува владата да го прикаже.
Мицкоски исто така рече дека партијата во текот на вчерашниот ден одржала седница на Извршниот комитет, на кој била донесена одлука од денеска да почне процедурата за собирање на потписи со која ќе се оспори донесениот Закон за попис.
„Утре ја започнуваме оваа постапка, а формално собирањето на потписи започнува на почетокот на следниот месец“, рече Мицкоски и повика пописот наместо физички да се спроведе целосно електронски.