Мицкоски побарал од Јанша Словенија да испрати помош од лекари
Христијан Мицкоски повторно се обратил до својот колега од Европската народна партија, словенечкиот премиер Јанез Јанша, за да побара помош во справувањето со корона кризата во земјава. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на својот Фејсбук профил напиша дека разговарал телефонски со Јанша за да разменат мислење за словенечките искуства во борбата со Ковид-19.
„Побарав од премиерот Јанша да испрати тим од доктори и експерти од Словенија кои ќе дојдат во Македонија и ќе помогнат во пренесување на своите искуства и знаења во надминување на корона кризата. Премиерот Јанша веднаш се согласи да испрати помош доколку за тоа постои волја кај македонските здравствени власти, тим на врвни доктори кои ќе ни помогнат во справување на состојбите.
Во таа насока остварив и разговор со министерот за здравство Венко Филипче кого го запознав со идејата и подготвеноста на премиерот Јанша да помогне. Тој ја прифати идејата и изрази уверување дека ќе обезбеди комуникација со словенечкото министерство за здравство за реализација на хуманата идеја“, вели Мицкоски.
Тој уште апелира Владата да ги искористи своите контакти и позиции и да доведе меѓународна помош. Бројките се поразителни и укажуваат на тоа дека ни е потребна итна помош. „Колку побрзо го признаеме тоа, толку повеќе ќе спасиме животи“, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.