Мицкоски планира да го заврши редовниот мандат ако опозицијата не бара избори


Христијан Мицкоски тврди дека Еу и прави „булинг“ на Македонија (Фото: Б. Грданоски)

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата планира да го заврши редовниот мандат во 2028 година, но не ја исклучува можноста за предвремени парламентарни избори доколку опозицијата побара нивно одржување.

Во вечерашното интервју во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител, Мицкоски порача дека, доколку опозицијата упати барање за избори, тој е подготвен да свика лидерска средба на која би се договорил датумот за нивно одржување.

Според него, Владата има четиригодишен мандат добиен од граѓаните, кој завршува во пролетта 2028 година, додека мандатот на актуелната политичка Влада би требало да трае до крајот на 2027 година, имајќи предвид дека земјата сè уште има техничка влада.

„Ако опозицијата побара предвремени парламентарни избори, тогаш ние секогаш, како Влада, сме договорени да седнеме на една лидерска средба, да договориме термин и да одиме на предвремени парламентарни избори. Нема да бегаме“, изјави Мицкоски.

Премиерот додаде дека владејачката партија е подготвена да излезе на избори во секој момент доколку опозицијата го побара тоа, уверувајќи дека повторно би извојувала победа над СДСМ.

Мицкоски оцени дека е логично опозицијата да сака предвремени избори доколку смета дека може да формира подобра влада, но порача дека власта нема да се откаже од мандатот што го добила од граѓаните без такво барање.