Мицкоски пак зборува за глодари за Кочани, a снимка од средбата со родителите немало


 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повторно се врати на вокабуларот за глодари и мршојадци околу трагедијата во Кочани, велејќи дека болката е преголема и сѐ уште сите ја чувствуваме. Тој денеска од Тетово замоли темата „да ја оставиме на политичките глодари и лешинари“. Мицкоски тоа го изјави по шокантното обраќање на родителите од Кочани за нивната средба со него на 7 јули во Владата.

„Јас сочувствувам со родителите. Ве молам да ја оставиме таа тема на  тие луѓе што навистина чувствуваат голема болка, а не што сакаат ситни политички поени, да добиваат од тоа“, изјави Мицкоски на новинарско прашање за  барањето на родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани да се објават снимки од разговорот од средбата која се одржала на 7 јули во Владата. 

Од Владата во неколку наврати посочуваат дека на средбата со семејствата се разговарало со највисока почит, разбирање и внимание за болката што ја носат родителите. Во целост ги отфрлаат и тврдењата дека постои видеоснимка од состанок или од било која друга средба во кабинетот на Мицкоски. 

Во реакција на соопштението од петокот на Владата, од Здружението на граѓани „16 март 2025“ од Кочани велат дека целиот разговор владината канцеларија бил снимен.

„Доколку навистина стоите зад своите зборови и верувате во транспарентноста и чесноста, Ве повикуваме слободно да ја објавите целосната видеоснимка од тој состанок, за јавноста самата да се увери во вистината“, се вели во соопштението на здружението.

Според соопштението на Здружението на граѓани „16 март 2025“ од Кочани, Мицкоски ги навредил повеќекратно, меѓудругото и бидејќи им рекол дека нивните барања се исти како тие на опозициската СДСМ, партија која достави предлог-закон во Собранието за помош на настраданите и дека наводно им рекол „да одредат цена за нивните деца“.