Мицкоски оди на ручек со Лајен во Брисел, ќе го однесе и предлогот за спорот со Бугарија

Пред посетата на Брисел, од Министерството за надворешни рабвоти уверуваа дека има начин да се даде импулс на процесот на евроинтеграција „доколку сме внимателни и не избрзуваме“


 

Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани од денес ќе престојува во работна посета на Брисел. Тој, заедно со лидерите од Западен Балкан ќе присуствува на ручек организиран од претседателката на Европска комисија, Урсула Фон Дер Лајен и ќе оствари состанок со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, како и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи. Состанок е предвиден и со генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување Герт Јан Компан.

Целта на посетата, освен официјализирањето на планот за реформи на Владата поврзан со барањата од Планот за раст и воспоставување релација како нова власт со преставниците на Европската унија, е и да се престави иницијативата за репреговарање со Бугарија, пласирана како одложена примена на уставните измени. Веројатно со оглед на тоа дека Шарл Мишел е во заминување, а спорот не е во ресорот на Европската комисија колку што е во Советот, предлогот ќе биде преставен, но нема да биде ставен на хартија и поднесен како официјален документ, така што само ќе се опипува пулсот во Брисел.  

Пред посетата на Брисел, од Министерството за надворешни рабвоти уверуваа дека има начин да се даде импулс на процесот на евроинтеграција „доколку сме внимателни и не избрзуваме“.  Од тука уверуваат дека предлогот што ќе го изнесат во Брисел е веќе јавен и, уште повеќе, дека е напишан во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за изборите.

Во неа практично стои дека освен одложена примена на устабвните измени, кога Македонија ќе стане членка на ЕУ, се бараат и гаранции за македонскиот идентитет и еднаквост со Бугарија во правото и во обврските, т.е. реципроцитет околу малцинствата. Според МНР, на кој начин ќе се решава проблемот со преговорите е сепак прашање на техника (дали преку Брисел или во дијалог со Бугарија), но цврсто стојат на оценката дека одложената примена може да стане реална и без менување на Преговарачката рамка, па и без менување на заклучоците на Советот на ЕУ, дотолку повеќе што тие се политичка одлука, па не се непроменливи. 

Околу дилемата дали овие барања ќе бидат прифатливи за Брисел и за земјите членки, а пред сѐ за Бугарија, од ова министерство порачуваат дека „досега не слушнале дека некој бил против“, иако средбите што ги остварија досега преставниците на власта беа со нивните најблиски сојузници во ЕУ. Според оценката, во меѓународните односи нема гаранција за успех, но Владата е подготвена да биде активна и да бара решение, бидејќи ако започнат преговорите под условите што ги имаме сега – ќе се направела голема штета на државата.

Уште повеќе во МНР очекуваат Бугарија да го одбива предлогот и тоа го сметаат за легитимно, но се упорни дека под условите што ги имаме сега не сакаат да одат напред, посочувајќи на „кафето на Орбан“ кога се решаваше за помошта за Украина како потврда дека – ако има волја во ЕУ да се најде решение, ќе се најде и начин за тоа. Според нивна оценка и во Брисел ќе стане јасно дека под овие услови нема да успејат да ги продолжат преговорите со Македонија.

Предлогот што ќе го презентираат во Брисел денес и утре, според МНР, е модификација на францускиот предлог, нарекувајќи го „Француски предлог плус“. Тие се убедени дека како нова власт имаат обврска да ги остварат ветувањата од програмата на изборите, но  и да ги убедат земјите членки дека Македонија досега направила премногу концесии, а во моментов немаат доверба дека ова се последни отстапки што се бараат од нашата држава. Медиумските предвидувања се дека Мицкоски за Брисел заминува со „Предлог плус“, но ќе се врати со минус, односно ќе му биде повторено дека преземените обврски треба да се остварат.

Пред заминувањето за Брисел Мицкоски најави дека на средбите ќе се  расправа за Планот за рас, но доколку стане збор за евронтеграцијата тој ќе каже дека има голема фустрација во Македонија поради закочените процеси.

„Доколку стане збор за евроинтегративниот процес, јас сум тој што треба да ги брани и одбрани македонските национални интереси. Како што беше во минатото, кога бевме опозиција, а дури и сега како влада кога имаме повеќе аргументи, сакаме фрустрацијата која ја чувствуваат македонските граѓани да ја пренесеме таму“, рече денеска Мицкоски.

Тој кажа дека по една деценија од првиот позитивен извештај кој Македонија го доби од ЕУ, не можеме да почнеме оти има вештачки пречки.

„По една деценија ние не можеме да почнеме со преговори, но не затоа што не ги почитуваме критериумите, туку бидејќи има вештачко наметнатни пречки, кои ги немал ниту еден народ, ниту една држава. Нека бидат сигурни граѓаните дека ќе се бориме и ќе се избориме за македонските интереси“, порача Мицкоски.

Суштинската причина за посетата на Брисел е повикот на еврокомесарот за проширување Вархеи земјите кандидати за членство да реферираат до каде се со реформите и обврските преземени во процесот за евроинтеграција. Од тоа ќе биде јасно за кои од нив ќе биде организирана  Меѓувладина конференција, која се свикува по секоја фаза од преговорите кога нешто е „штиклирано“ како усогласено со преговарачките рамки. Кога Вархеи ја соопшти оваа своја намера на 9 септември рече дека „во октомври се очекува да се одржат меѓувладини конференции со Србија и Албанија и – можеби со Северна Македонија“. Со оваа изјава тој  навести дека заради блокадата на постапката за уставни измени како услов за втората Меѓувладина конференција на нашата земја со ЕУ, Албанија ќе ги продолжи преговорите за членство надвор од пакетот сo Северна Македонија, ако некој и нејзе не ѝ стави рампа. 

Портпаролката на Вархеи, Ана Писонеро, информираше денес дека Европската комисија во моментов ја финализира проценката на доставените реформски агенди на земјите од Западниот Балкан , а кои се однесуваат на социо-економските аспекти и на областа на основните права.

„Кога ќе ги завршиме овие проценки, ќе се консултираме со земјите членки на претстојниот ИПА Комитет и, во случај на позитивна оценка од страна на ИПА Комитетот, ќе ги одобриме реформските агенди“, истакна Писонеро, додавајќи дека по ова ќе следи подготовката за исплата на првите транши од Инструментот за раст и реформи на Западниот Балкан. (С.Ј.)