Мицкоски очекува новиот јавен обвинител да ги извади предметите во фиока


 Премиерот Христијан Мицкоски очекува новиот државен јавен обвинител, кој треба да биде избран набргу, да биде заштитник на правото и правдата и сите предмети што биле држени во фиоки да ги истражи и ако нема докази, да ги затвори, а доколку има, да оформи предмети и да ги достави до судот. 

– Првото нешто што треба да го направи е сите документи и случаи што се држеа во фиока да ги извади и да ги истражи. Онаму каде што нема дело и докази, да ги затвори, а каде што има дело и докази, да формира предмет и да го достави до судот. Потоа судот треба да одлучува дали да почне или нема да почне судска постапка. Очекувам тој да биде заштитник на правото, да биде генератор на правда и правдина – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по полагањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев по повод 154-годишнината од неговото раѓање.

Од собраниската прес-служба не ги откриваа имињата на кандидатите, но како што некои од пријавените и сами потврдија, станува збор за сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчeвски, и обинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.