Мицкоски очекува голема победа со 45 до 50 градоначалници


Ценам дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе има поголем број на градоначалници споредено со 2021та година. Нашите анализи се дека нема да бидеме изненадени ако имаме повеќе од 50 градоначалници, но очекуваната бројка е помеѓу 45 и 50, плус Градот Скопје, ако 2021 имавме 42 општини, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „360 Степени“.

На прашањето дали СДСМ ќе освои некаде градоначалник според анализите на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Мицкоски рече дека според партиските анализи СДСМ се движи од нула до шест.

-Според нашите анализи СДС би се движеле од 0 до 6.  Левица не очекувам да освојат, бидејќи Левица таму каде што кандидира свои кандидати во најголем дел, а тоа се скопските општини и во градовите Тетово, Гостивар и Струга, теоретски не може да добие поголем број на гласови од било кој друг кој што се натпреварува на тие избори. И јасна е нивната стратегија дека тие треба да бидат прокси за ДУИ, нагласи Мицкоски.

Тој  е дециден дека не постојат околности во државава за да се случат предвремени парламентарни избори, дури и доколку Демократската унија за интеграции (ДУИ) победи во клучните општини. Вели дека ги слуша плановите на ДУИ и оти тие генерално се заокружуваат на две теми. Една дека ќе изгубат во градоначалничката трка во Чаир, Тетово и други општини и оти во тој случај би излегле на протести со членството обвинувајќи дека изборите им биле украдени и оти ќе прават немири со кои би издејствувале предвремени избори. И втората е дека ДУИ ќе победи на советничките листи, што би била уште една причина да се оди на избори.

Мицкоски: Па и ние во 2021 г. имавме и на советнички листи и на градоначалнички листи двојно, тројно повеќе од СДСМ, па три години бевме опозиција.

360°: Но, зборувавте дека власта го изгубила легитимитетот и дека треба да се оди на предвремени избори…

Мицкоски: Ама и тие нека си зборуваат. Никој не вика да не си зборуваат. Никој не ги спречува, демократска држава сме, секој може да си кажува свое мислење.

360°: Но, вие не сте го мислеле тоа кога сте го зборувале тогаш, во 2021 и 2022 г.?!

Мицкоски: Чекавме да дојдат избори. Не велевме ние дека ни ја украдоа победата. Тогаш си играа фудбалчиња, си купуваа трговски центри, си купуваа дуќанчиња, си купуваа акции во банки, па потоа ги препродаваа и така натаму.

На прашање зошто ВМРО-ДПМНЕ зборува за потребата од реформа и криминал кај ДУИ, а не и за, на пример, проблематичните легализации на десетици згради и стотици станови во Општина Чаир направени во времето кога градоначалници беа Изет Меџити и Висар Ганиу, Мицкоски одговара дека тоа се случувало во времето кога ДУИ имала мнозинство во советот и кога ДУИ била коалициски партнер. Не одрекува оти Изет Меџити одреден период бил градоначалник, но дека во земјава постојат институции што треба да го истражат тоа и дека предметот се наоѓа во обвинителството.

-Не сум рекол дека не ги гледам, да речеме, одредени отстапувања и девијантни однесувања во минатото и ги апстрахирам. Напротив, јас само сакам да потенцирам тоа што е факт. Што се случуваше на централно ниво и како се случуваше. Инаку, си има таму обвинители, судии, нека си истражат, ако утврдат одговорност, веднаш да си постапат. За сите, за секој. Ако има одговорност или основен сомнеж дека сум сторил нешто, веднаш, уште утре да постапат и за мене, рече Мицкоски.

Околу одлуката Левица да не може да се рекламира на националните телевизии ниту да земе пари за тоа од буџетот , Мицкоски одгвоори дека да се изгласале измени на Изборниот законик во Собранието, тоа ќе било можно да се коригира и начинот на рекламирање за локалните избори, иако таков предлог воопшто немаше во текстот. 

– Во таа верзија на Изборниот законик многу работи ќе беа поразлични, вклучително и потписите за независните кандидатури, начинот на рекламирање и ќе имавме уште еден бенчмарк од Планот за раст. Сакам да кажам, ќе беше можност тоа да се направи, да се искоригира. Тоа ми беше поентата. Но, за жал, поради политички игри и калкулантства на, пред сè тука мислам на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и недржавничкиот однос, дојдовме до една таква ситуација, рече Мицкоски.