Мицкоски: „Новото нормално доаѓа од Вашингтон и јас се наредив прв“

„Ние сме тие што први го запоседнуваат теренот. Запоседни го теренот па потоа кој и да дојде, втор, трет се реди зад тебе“, рече премиерот за престројувањето кон Вашингтон


Христијан Мицкоски (Фото: Б. Грданоски)

 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска уште еднаш целосно застана зад политиката што ја промовира новата администрација на Доналд Трамп, која преку потпретседателот Џеј Ди Венс изврши напад врз Европа и рече дека „новото нормално доаѓа од Вашингтон и ќе го преплави светот“.

За време на посетата на гази Баба, веднаш по враќањето од Вашингтон на конференцијата на козервативцитекаде што разговарал со десетици луѓе, Мицкоски изјави:.

„Таа е линијата, тоа е новото нормално што доаѓа од Вашингтон и што ќе го преплави светот. Тука нема играње. Ние сме тие што први го запоседнуваат теренот. Тоа е мојот начин на работа, нема втора шанса за прв впечаток. Запоседни го теренот па потоа кој и да дојде, втор, трет се реди зад тебе. Мора да го запоседнеме теренот и да се пронајдеме во новото нормално, тоа е мојата кампања. Од друга страна, мора да кажеме и која е нашата фрустрација и болка.

Ако некому му пречи тоа што го кажа Венс и мене ми пречи што 20 години не можам ни милиметар да се мрднам не зашто не сум добар, туку зашто некој треба да решава прашања од 10-11 век. Не треба да бегаме од тоа, треба да си ја кажеме вистината, може не е убава за слушање, но тоа е тоа. Може да пишувате статуси дека вака или онака ќе направите, но тоа не менува ништо, а ако отидете во тие центри и седнете со луѓето, им зборувате очи во очи, се борите и аргументирате, мислам дека тоа е вистинскит начин. Дали ќе се смени нешто не знам, но јас ќе се борам, во петок одам кај претседателот на Турција на приватен ручек во Истанбул за потврда на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Турција, во понеделник и вторник сме во Будимпешта на владина конференција. Мора да градиме сојузништво, ова е новото нормално, потенцира претседателот на Владата“.

Според Мицкоски, земјава добива поддршка од сите страни за евроинтеграцијата. Мора да почнеме да победуваме во Вашингтон, Брисел, Берлин, Париз, Рим, Лондон и секаде каде што досега, за жал, поради неогдоворни политичари, како што рече, не сме имале таква амбиција.

„Од сите страни добиваме поддршка, никој не рекол ‘извинете, не ве поддржуваме да се интегрирате’. Сите ги разбираат нашите аргументи, сите зад завеса застануваат, стегаат рака и велат – ‘тоа е тоа, таа е вистината, доста од двојни стандарди, треба да одите напред’. Но, за жал, има една земја во ЕУ, сите ја знаеме, што се обидува наместо да работиме во 21/22 век, да се враќаме назад во средновековието. Нашата амбиција е да се обидеме преку пркос да ја прикажеме вистината, вистинската вистина што нас Македонците посебно, а и граѓаните во Македонија, нѐ зашто тоа е вистината која ја чувствуваме и таа создава фрустрација“, рече Мицкоски.

На прашањето како го коментира тоа што го декларирале како единстевен европски лидер кој аплаудирал на говорот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и дали земјава оди на линијата на крајна десница, Мицкоски рече дека вистината не треба да се цензурира.

„Не би рекол дека Венс е претставник на крајната десница. Ако некој ја кажува вистината и ако вистината содржи вистински примери каде јасно се прикажуваат двојните стандарди, а тој таму ги кажа примерот со претседателските избори во Романија, неколку случаи во Британија, Шкотска, Германија…, тоа нас нѐ треба да нѐ оптоварува и ние не треба да се обидуваме сето тоа да го цензурираме“, рече премиерот.