Мицкоски: Нема македонска или албанска иднина, има само заедничка


На свечената седница по повод 24 години од Охридскиот рамковен договор, со кој беше ставен крај на конфликтот во 2001 година, премиерот Христијан Мицкоски испрати порака за единство, надминување на поделбите и заедничка иднина.

„Државата ја имаме само ако ја чуваме заедно,“ рече Мицкоски, потсетувајќи на тешкото лето 2001 година, кога Македонија беше на работ на конфликт. „Избравме пат на мир, на дијалог, на компромис, на заедништво.“

Тој призна дека потпишувањето на договорот не било лесно за никого: „Дали Македонците беа најсреќни? Не. Веројатно такво било чувството и кај Албанците. Но, 24 години подоцна, Рамковниот договор донесе мир, стабилност и зачувана унитарност.“

Мицкоски ги критикуваше и, како што рече, злоупотребите на договорот: „Над 20 години имавме структури кои го користеа национализмот како прекривка за криминал и лични интереси. Луѓето си одат – и Македонци, и Албанци, и Турци, и Роми – затоа што бараат подобар живот, а не поделби.“

„Нашата задача е да обезбедиме иднина за сите, затоа што Македонија е дом на сите нејзини луѓе.“

Според Мицкоски, 24 години се доволно време за да сфатиме дека мирот не е нешто што се подразбира, туку нешто што се гради секој ден:

„Овој ден не е само спомен. Овој ден е обврска – да изградиме држава која е обединета, силна и праведна. Нека знаат сите – нема македонска, нема албанска иднина, има само заедничка, македонска иднина за сите нас“, рече Мицкоски.

Според вицепремиерот Изет Меџити, нема вистинска демократија без доверба и нема функционална држава без еднаковост.

„Ова е филозофијата што ја води нашата Влада – градење на општество кое ја гледа разновидноста не како пречка, туку како богатство, не како поделба, туку како можност.  Затоа секоја политичка одлука што ја носиме, секоја реформа што ја преземаме мора да биде во согласност и со духот и принципите на Охридскиот договор“, рече Меџити , нагласувајќи дека „духот што сакаме да го инсталираме во нашето општество е духот на соживот, почит и заедничка надеж за иднината“.

Охридскиот рамковен договор, Меџити кажа во своето обраќање, не е само сеќавање, туку „жив процес кој секојдневно треба да се претвора во правични закони и инклузивни политики и институции кои им служат на граѓаните со чесност“.

„Да го чуваме овој договор како наш политички и морален бисер. Да продолжиме да го спроведуваме со посветеност и визија, зошто само така нашиот заеднички дом Северна Македонија може да биде правична, еднаква и просперитетна држава за сите“ – изјави Меџити.

 

Меџити, нагласи дека денеска не се потсетуваме само на еден документ кој стави крај на еден конфликт, туку се потсетуваме на политичка и институционална визија врз која се гради нашата модерна држава – држава на сите и за сите.

„Охридскиот рамковен договор е темелот врз кој развивавме нов пристап кон градењето на државата – пристап кој ја гледа еднаковста, инклузивноста и прават како неразделни елементи на демократското функционирање. Денеска нашите владини политики се засноваат токму на овој дух, да создадеме држава која му служи на секој граѓанин, без разлика на етничка припадност, верска или политичка определба. Охридскиот договор не беше само мировен договор, тој беше нашиот нов општествен договор врз кој воспоставивме низа реформи и политики со цел трансформација на институциите од затворени структури, во отворени, достапни и репрезентативни механизми“ – порача Меџити.

Владата, нагласи Меџити, е посветена на изградбата на правен и институционален систем кој гарантира реална, а не само формална еднаквост, констатирајќи дека „оваа година е најуспешната од независноста на Република Северна Македонија“.
 
„Ова не е само законска обврска, ова е политичка и морална мисија, зошто последиците од формалната еднаквост сите ги чувствуваме. Последица на формалната еднаквост е половичниот закон за употреба на јазиците, кој е оспорен пред Уставниот суд, но и механизмот на балансерот, кој беше укинат од Уставниот суд… Уставниот суд треба да ги толкува законите согласно Уставот и неговиот дух, а не само да прави црно-бело читање на неговите членови. Од оваа причина Владата го зајакнува користењето на јазиците согласно принципите на Охридскиот договор и Уставот на државата, на сите нивоа на администрацијата и јавниот живот, како симбол на еднаковоста и меѓуетничка почит. Едноставно кажано, употребата на албанскиот јазик во јавните институции не е укината, туку вложуваме напори да ја зајакнеме во услови кога актуелниот закон е оспорен пред Уставниот суд, спроведуваме инклузивни политики во образованието и културата кои го одразуваат нашиот општествен мозаик и му даваат на секое заедништво заслужен простор за зачувување и развивање на својот идентитет. Градиме мултиетничка државна служба каде застапеноста не е само статистика, туку додадена вредност за ефикасност и кредибилитетот на институциите. Во овој дух го изработивме и законот за правична застапеност кој многу скоро ќе биде усвоен во Собранието“ – изјави Меџити.
Околу истиот повод вчера во Клубот на пратеници се одржа и прием на кој присуствуваа сите од актуелниот државен врв, дипломати и други гости, но немаше преставници на тие кои го издејствуваа Рамковниот договор – опозициската ДУИ. Практично и годинава овој ваќен договор за Албанците и за внатрешното уредување на државата го слави само власта, иако е интересно да се побара што зборуваат во тоа време тие што сега го фалат, особено од ВМРО-ДПМНЕ.