Мицкоски нема храброст да признае дека погреши со акцизата, реагира Филипче
Новиот закон за високо образование ќе предизвика масовен егзодус на младите научни кадри, предупреди лидерот на СДСМ
Премиерот Христијан Мицкоски нема храброст да признае дека погрешил, дека мерките кои ги предложивме се добри и дека требаше да се имплементираат веднаш, за да не се создаде спиралата на зголемување на цените како резултат на растот на горивата, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција по објавата дека утре владата ќе ја намали акцизата за горивата.
„Повторно го слушнавме денеска премиерот како доаѓа на нашето, тоа што го зборуваме повеќе недели, и од оваа партиска говорница, и насекаде по нашите канали за комуникација. Еве сега, допрва ќе ги разгледувале, дел од мерките коишто ги предлагавме во изминатиот период да се олесни економската и финансиската состојба на граѓаните“, истакна Филипче.
Филипче нагласи дека Владата доцни со реакцијата и разгледува само дел од предложените мерки.
„Да ги прифатеше пред неколку недели, немаше да има вакви ценовни шокови за граѓаните, ниту пак други продукти и други сегменти ќе беа во ризик да се зголемат цените“, рече Филипче.
Според него, граѓаните се оставени сами да се справуваат со кризата, а ниту премиерот, ниту било кој во владата има желба и капацитет да им помогне.
Филипче предлага владата дополнително треба да ги разгледа опциите за зголемување на државните резерви на нафта.
„Да не се соочиме во следните месеци, имајќи ги предвид укажувањата на светските експерти во оваа област, со недостаток на горива. Гледаме дека во Европската унија се препорачуваат мерки за намалено користење на возилата, за работа од дома, така што апелирам владата сериозно да си ја фати работата, освен тендерите партиски што си ги делат, нека се посветат малку и на тоа што им е вистинска работа“, рече Филипче.
Тој зборуваше и за Предлог-законот за високо образование и рече дека доколку се донесе во оваа форма ќе предизвика сериозни штети врз образовниот и научниот систем и ќе доведе до масовен одлив на млади кадри од државата.
„Забелешките се многу сериозни. Не може да се дозволи професори да се префрлаат од една институција во друга по волја на министерот. Такво решение не постои никаде во светот и директно ја руши автономијата на универзитетите“, потенцираше Филипче.
Дополнително,законот наметнува нереални и неприменливи критериуми за научна работа.
„Се бара објавување трудови во списанија со висок импакт фактор, а државата нема обезбедено ниту финансиски, ниту инфраструктурни услови за тоа. Немаме лаборатории, немаме ресурси, немаме систем што може да ги поддржи тие стандарди“, нагласи Филипче.
„На младите им се поставуваат услови кои се практично невозможни. Дополнително, тие треба сами да ги плаќаат трошоците за објавување трудови, кои достигнуваат и до неколку месечни плати. Тоа е директен удар врз идните научници и професори“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ оцени дека власта прави брутална партизација на секое ниво, а особено под политичко влијание е обвинителството со поставување на јавен обвинител кој работи по делегираните задачи од премиерот Христијан Мицкоски, што отвора сомнеж за неговата независност и непристрасност во работењето.
Тој додаде дека власта прави сè само за да го заштити криминалниот имот.
Притоа, Филипче порача дека новиот обвинител треба да биде професионалец бидејќи граѓаните бараат правда и независност, а не да одработува по насока на Мицкоски.
„Како што тргнал, ако продолжи вака, обвинителот Савевски, не прави добро. Што им должи толку? Зошто го прави тоа? Треба да биде професионалец. Тоа го бараат граѓаните. Преку глава им е од партизација на секое ниво. Ова мора да запре. Европа е единствениот спас, затоа што тогаш не може со европското обвинителство да прави вака, затоа наоѓа Мицкоски изговори дека тоа било некакво коленичење пред Бугарите“, рече Филипче.