Мицкоски нема да го моли Таравари, никого во животот не молел

Премиерот му одреди две опции на министерот за здравство, трета немал


Фото: Б. Грданоски

 

Денешната попладневна средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство веројатно ќе биде последен чин од збогувањето на лидерот на едното крило на Алијансата за Албанците од владата. Мицкоски денеска од Штип му порача на Таравари дека имал само две опции.

„Генерално, би сакал да слушнам како размислува во делот на последните случувања. Според мене, има две опции за избор – едната е оваа на владата која нуди реформи, промени и испорака за граѓаните и втората е онаа која години наназад ја криминализираше државата и ги уништуваше институциите и ја клекна државата. Нема трета опција, тоа е изборот. Би сакал да чујам од господинот Таравари која опција за него е најдобра“, рече Мицкоски.

Премиерот имал позитивно мислење за Арбен Таравари како човек, „но во политиката, образот е нешто што го имаш или немаш“.

„Или држиш до зборот или не држиш. Во неговиот случај, најмалку три пати сум покажал и сум го држел зборот и во моменти кога можеби имало и дилема во рамките на раководството на партијата. Затоа заткулисните игри се провидни игри и лесно се идентификуваат и препознаваат. Најчесто им се удираат од глава на оние кои што ги прават. Никого во животот не сум молел ниту имам намера да молам. Со или без Таравари, владата е стабилна со големо мнозинство. Останува на него и неговите сопартијци да одлучат“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

Таравари вчера реагираше на својот Фејсбук профил по повод политичкитр случувања.

„Изјавуваме дека судбината на овој народ ја гледаме посериозно отколку само имињата и дека сме ослободени од нивните комплекси, кои се претворија во Едипов комплекс. Не правиме никаков потег за задоволство или гнев на никого. Дури и оние што прават пророштва во наше име, како да се Баба Ванѓа, треба да се занимаваат со пообјективни работи од ‘предвидување на иднината’. Ние не сме ниту такси што нè користат за превоз, а потоа ни ги одземаат клучевите, ниту чамец за спасување на имиња и презимиња. Ние сме Алијансата за Албанците, која работи само во интерес на народот“, напиша тој.