Мицкоски нема да ги гради ни коридорите „по секоја цена“


Со јасна порака дека нема да дозволи етнички тензии и со директни обвинувања кон претходната власт, премиерот Христијан Мицкоски од Гази Баба денеска испрати сигнал дека проектите за коридорите 8 и 10Д остануваат приоритет, но не по секоја цена. Во фокусот на неговото обраќање беше дилемата – развој или правила, односно дали државата ќе ги почитува обврските кон УНЕСКО или ќе ризикува нови проблеми со меѓународните институции. Во исто време, Мицкоски ја обвини претходната влада дека зад себе оставила само аванси и провизии, без реална реализација на проектите.

Осврнувајќи се на реакциите во јавноста поврзани со инфраструктурните зафати тој повика на  смирување на тензиите.

„ Граѓаните од Струга треба да се смират, затоа што оваа влада е влада на сите граѓани и никој нема да биде заборавен. Вклучително и граѓаните од Кичево, Вевчани, Дебарца, Охрид и сите општини кои се долж коридорите 8 и 10Д. Никој нема да остане изоставен“, изјави Мицкоски.

Тој порача дека нема да дозволи етничка поларизација, обвинувајќи дека такви обиди доаѓаат од опозициски партии.

„Обидите за етничка поларизација нема да ги коментирам. Додека сум премиер, нема да дозволам такво нешто во државата“, рече тој, додавајќи дека одредени политичари намерно ја подгреваат темата.

Во делот на економијата, премиерот нагласи дека инфраструктурните проекти се клучни за растот.

„ Нам ни одговара да се гради, затоа што на тој начин се зголемува БДП, а со тоа сме поуспешни и на финансиските пазари и кај граѓаните“, посочи Мицкоски.

Воедно, тој упати остри критики кон претходната влада за начинот на кој бил воден проектот за коридорите.

„ Вистината е дека од реализацијата на коридорите 8 и 10д претходната влада реализираше само аванс и наплати провизија. Тоа беше единственото што го направи“,  истакна премиерот.

Особено внимание посвети на трасата која, според него, навлегува во заштитен појас.

„ Трасата што е повлечена поминува низ дел од периметарот заштитен од УНЕСКО. Сега треба да одлучиме дали ќе ги почитуваме правилата или ќе ги третираме како шведска маса, па ќе го почитуваме само тоа што ни одговара. Ако таа траекторија е спорна, ќе бараме друг начин “,  нагласи Мицкоски.

Тој изјави дека Македонија е единствена земја во регионот која оваа недела ги намалила цените на горивата. Бензинот поевтинил за 2,5 денари, додека цената на дизелот останала непроменета.Според него, државата во моментов има убедливо најниски цени на горивата во регионот.

„ Ако кај нас бензинот е околу 1,33 евра за литар, а дизелот 1,5 евра, во Албанија и Грција тие се над 2 евра, додека во Германија цените достигнуваат и до 3 евра.Граѓаните немаат причина за страв, состојбата е стабилна и во овој момент не гледам потреба од воведување кризни мерки“, рече Мицкоски, оставајќи простор дека, доколку дојде до нов раст на цените,  ќе ги продолжи мерките, вклучително и кризна состојба. „На располагање ни се и алатки како акцизите“, додаде премиерот.

Во делот на електричната енергија, Мицкоски информираше дека ЕСМ располага со 3.200 тони мазут кои може да се активираат по потреба, додека производствените капацитети функционираат стабилно.

„ Акумулациите се над 40 проценти, што е двојно повеќе во споредба со некои претходни периоди. Имаме доволно вода и за производство на струја и за наводнување“, рече тој.

Дополнително, ЕСМ во изминатиот период продава електрична енергија на берза и остварува приходи до 150.000 евра дневно, посочи премиерот.

Премиерот заклучи дека предизвици ќе има, но Владата, како што рече, секојдневно ги следи и решава состојбите со цел да се зачува енергетската и економската стабилност во државата.

Во однос на најавите за поскапување на лебот, Мицкоски рече дека во текот на денот ќе присуствува на состанок на кој ќе се анализира дали поскапувањето е оправдано или не.