Мицкоски не знае за обидите на Вајц да го исфрли Протоколот од преговорите со ЕУ

Она што ја најде затечена Софија е темелноста со која Вајц ги аргументира амандманите, особено Амандманот 108 за правниот статус на Протоколот


Известувачот за Македонија во ЕП, Томас Вајц

 

Премиерот Христијан Мицкоски денес изјави дека „нема информации“ за обидите на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, да го исфрли Протоколот потпишан со Бугарија од преговорите со Европската унија. Поучен веројатно од минатогодишното искуство, кога бугарските европарламентарци обвинија дека Вајц го пишувал извештајот заедно со нашата влада и дека кај нас однапред се знаеле и договарале формулациите, овојпат Мицкоски се дистанцираше од подготовката на извештајот во Брисел. 

Сепак, исто како и лани, извештајот на Вајц покрена реакции во Бугарија каде што европарламентарците бараа итна средба со претседателката Илијана Јотова за да побараат „институционална заштита“ и помош да ги спречат обидите на Вајц, како што оценуваат, преговорите со Македонија да започнат без исполнување на обврските. 

Алармот го вклучи пред сѐ амандманот 108 на Вајц, во име на Зелените, со кој се бара правната служба на Советот на ЕУ да излезе со проценка дали Протоколот, кој се споменува во заклучоците за Македонија, е легално обврзувачки – или не е. Според бугарските проценки, Вајц сака правната служба на Советот да донесе одлука наместо Уставниот суд во Скопјe, каде што е отворен таков предмет, така што евентуалната поволна оценка во корист на Македонија би се претставила како „европска“ одлука, а не како обид за заобиколување на условите од страна на земја-кандидат за членство.

За разлика од ланскиот извештај кога на обидите да се впише „модерен“ или „актуелен јазик“ Вајц одговори со амандман за „македонски јазик и идентитет“, па низ компромисни преговори исчезнаа и едното и другото, сега според бугарските пратеници согласувањето со опцијата за „компромис“ или за целосно повлекување од амандманите „отвора врата за непредвидливи и неконтролирани последици“. 

Практично, откако минатата година политички го понижија и го малтретираа, Вајц годинава им враќа на бугарските парламентарци уште посилно, без да им остави простор да ја спорат неговата работа. Паралелно со амандманот тој доставил и објаснување за него, таканаречен бекграунд документ со кој ги води преговорите за формулациите и бара поддршка од политичките групи во ЕП. Тие преговори за амандманите треба да завршат на крајот на овој месец, во мај извештајот да се најде во Комисијата за надворешни работи на гласање, а во јуни пред Асамблејата на ЕП. Фигуративно кажано, сега се „кали челикот“. 

Во документот Вајц известува дека побарал од правната служба на Советот ургентно да ги разјасни сите двосмислености околу легалниот статус на вториот билатерален Протокол во рамките на процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ. Поточно, дали тој е правно и формално обврзувачки дел од Преговарачката рамка или само билатерален инструмент без директен ЕУ ефект. Притоа потсетува дека Протоколот никогаш не бил ратификуван во нашето Собрание и дека содржи идентитетско-политички прашања надвор од Копенхашките критериуми поради што правната служба на Советот и самиот Совет треба да дадат на тоа одговор за трајно да најдат решение за билатерализацијата на преговорите за членство во ЕУ.

Уште повеќе, Вајц со други амандмани бара едногласноста да се замени со квалификувано мнозинство и тоа да не се однесува за сите фази на процесот и ги повикува земјите членки на ЕУ (Бугарија) да ги исполнат исто така обврските од Судот за човекови права во Стразбур. Практично, го отвора прашањето околу почитувањето на правата на малцинствата во Бугарија во ситуација кога ѝ поставува толку услови на Македонија, што според бугарските парламентарци е недозволиво, бидејќи Бугарија не била предмет на извештајот. Притоа, Вајц  констатира дека Протоколот не е вклучен во Преговарачката рамка и е дел само од заклучоците на ЕУ за преговорите со Македонија, додека бугарските пратеници излегоа со спротивни тврдења – дека тој е дел од обврзувачките услови на патот кон ЕУ. Практичко, Вајц го распрска во парчиња наративот на Софија дека не поставува нови услови кон Македонија.

За разлика од лани, кога бугарските европарламентарци беа во офанзива, годинава како да се правдаат за случувањата околу извештајот. Така, Андреј Ковачев од ГЕРБ ги нарече скандалозни амандманите на Вајц, но оцени дека извештаите на ЕП не биле обврзувачки, иако повлекуваат „морална обврска“, избегнувајќи да каже „политичка“. Исто како што Протоколот е политичка обврска, а Преговарачката рамка е правно обврзувачка за нас. Според него, додека се усвои извештајот ќе има врева околу неговата содржина, а потоа ќе падне во заборав. Тој уште додаде дека се ова треба да и послужи за пропагандни цели на Македонија, за да покаже дека во Европскиот парламент постои различно мислење или дека некој сака да го промени или истурка Протоколот од Договорот за добрососедство, кој е пак дел од Преговарачката рамка.

На прашањето дали може овој извештај да го еродира францускиот предлог, т.е. компромисот од 2022 година, тој категорично вели не, иако со изјавата потоа не остава таков впечаток.  Стравот во Софија имено е токму тоа, дека со измените што ги поднесе Вајц се доведуваат  во прашање веќе договорените елементи од европскиот компромис од 2022 година и се отвора врата за заобиколување на Преговарачката рамка. Уште повеќе што во последните изјави фокусот на Софија се префрла на „заштита на човековите права“ (на Бугарите во Македонија), а не на уставните измени, со што практично се прави поширок опис на условот што го има Македонија за да ги продолжи преговорите со Унијата, и во тој контекст се споменуваат 216.000 Македонци декларирани како Бугари.

Втор проблем за Софија е и тоа што Вајц, со ваквото разграничување на условите, практично ѝ го одзема главниот аргумент изминатите две години на Софија – дека условите за Македонија се „европски“, а не билатерални, заедно со пораката дека проблемот со малцинствата бара решение не само кај нас, туку и во Бугарија. 

Она што ја најде затечена Софија е темелноста со која Вајц ги аргументира амандманите, особено Амандманот 108 за правниот статус на Протоколот. Во документот тој нагласува дека  Протоколот содржи идентитетско-политички услови кои се во конфликт со заштитата на македонскиот национален идентитет и јазик – што ЕУ ги признава. Дека системска некохерентност би била ЕУ да поставува услови на земја кандидат што не може да ѝ ги постави на земја членка, дека ниту една друга земја кандидат не се соочила со вакви барања како ние и тоа преставува структурно различен третман иако сите кандидати треба да се еднакви во преговорите. Како и дека толкувањата на историјата и слично не се дел од Копенхашките критериуми и затоа фали правна основа за нив.

На крајот тој потсетува дека во Уставниот суд во Македонија е покрената иницијатива за оценување на уставноста на Протоколот кој воопшто не поминал низ Собрание, не е ратификуван и не е објавен во „Службен весник“, и дека ако ЕУ го третира како формален услов, може да се најде во дубиозна ситуација. Кога една земја членка пак бара исполнување на услови што самата не ги исполнува за исти случаи, тоа според Вајц отвора и прашање за системска некохерентност во европскиот систем за човекови права. 

Тој  генерално порачува дека целта му е со амандманите да ги стави билатералните прашања таму каде што припаѓаат, меѓу земјите а не во ЕУ, и конечно да стави крај на ваквите блокади на преговорите за членство. Неговата проценка е дека мислењето на правната служба на Советот може да доведе до нови преговори за Преговарачката рамка или да го зацементира Протоколот како услов за Македонија, при што дава повеќе шанси на втората опција. Ако Советот го игнорира барањето, тоа според него ќе му го наруши кредибилитетот.

Една од проценките на бугарските парламентарци е дека Вајц сака да издејствува вакво мислење пред одлуката на нашиот Уставен суд за иницијативата на Лилјана Поповска, на која се работи од минатото лето. Од Уставниот суд вчера изјавија дека датумот кога таа ќе се разгледува сѐ уште не е утврден, односно се уште сѐ работи на неа.