Мицкоски не си оди од ВМРО-ДПМНЕ, со него била појако и пообединето


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ,Христијан Мицкоски, денеска изјави дека од неговиот избор за прв човек на опозициската партија се бара негово менување, а партијата станува се појака и пообединета.  

„Не можам да кажам дека во ВМРО-ДПМНЕ има фракции. Инаку, мене такви луѓе четири и пол години ме менуваат, а ВМРО-ДПМНЕ е сѐ појако, пообединето, посплотено. Така ќе биде и на следните предвремени парламентарни избори со рекордна победа, со мнозинство во парламентот. За него немам што да го губам вашето време да го коментирам“, рече Мицкоски  на новинарско прашање за барањето за негово менување од Оливер Андонов и Фракцијата за демократско ревитализирање на ВМРО-ДПМНЕ.

Одговарајќи на новинарско прашање што ќе прави партијата после пропаднатата иницијатива за одржување референдум против Договорот за Бугарија, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ја урива оваа Влада се до организирање предвремени парламентарни избори.

За тоа дали опозициската партија ќе ја поддржи иницијативата на Левица, рече дека „играта на поднесување иницијативи можеме да ја играме до бескрај“, но дека е направен преседан со иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за што претседателот на Собранието еден ден ќе одговара.

-Ние поднесовме иницијатива која е согласно законот и Уставот. Еден човек во Парламентот се става над сите закони и над Уставот и креира преседан. Тој преседан многу скоро од денеска ќе стане пракса, а за да не стане пракса треба тој што го креирал тој преседан да одговара. И ќе одговара еден ден, бидејќи тој нема да биде вечно на тоа место, неговата партија нема да мести судии и обвинители, ќе биде многу скоро во опозиција и за неговите постапки тој човек ќе одговара, рече Мицкоски.

Тој го повтори барањето на неговата партија за оставка на премиерот Димитар Ковачевски.

-Во најмала рака Ковачевски треба да каже дека дезертирал и да се повлече од челното место во Владата. Во јавноста се појавија две контрадикторни тврдења од страна на Ковачевски а тоа е дека како оправдание го користеше своето образование, го завршил факултетот па се запишал на постдипломски студии, па потоа веќе отслужувањето не било задолжително, за неколку месеци подоцна, осум месеци, даде изјава дека имал медицински пречки и дека поради тие хируршки интервенции не можел да присуствува, рече Мицкоски.

Ковачевски, рече тој, може да ја извртува вистината во СДСМ и помеѓу колегите во Владата, но факт е дека дезертирал.

-Јас сум три години помлад од него и јас магистрирав и се пријавив доброволно во 2003 и во 2004 година и го отслужував својот воен рок во гардискиот баталјон, рече Мицкоски.