Мицкоски: Не се сретнав со Груевски во Будимпешта


Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека не се сретнал со екс-премиерот Никола Груевски во Будимпешта, каде што ја предводеше делегацијата на втората меѓувладина конференција меѓу Македонија и Унгарија.

-Не сум се сретнал, но, доколку ќе се сретнам ќе бидете информирани затоа што водам политика на принципот – вистината е најточна. Јас секогаш кога нешто ќе се случи, тоа го кажувам и не го кријам. Нема што да кријам, совеста ми е чиста, кажа Мицкоски.

Мицкоски најави дека наскоро ќе излезе со докази дека членовите на претходната власт се среќавале со Груевски во неговото моментално живеалиште во главниот град на Унгарија.

-Во име на вистината, можам да потврдам, многу скоро и со докази, дека голем дел од функционерите на поранешната владина коалиција СДСМ-ДУИ се среќавале во Будимпешта со господинот Груевски за кој што не дадоа искрен одговор. Јас, ако би се сретнал, би дал искрен договор, рече премиерот на отпочнување со реализација на проектите во Општина Илинден.

Уште во 2023 година, тогашниот лидер на опозицијата Мицкоски рече дека Груевски се наоѓа во тајна комуникација со тогашната Влада со цел да ја поделат ВМРО-ДПМНЕ.
-Владата верува дека може да ја подели нашата партија. Но, тоа нема да успее, кажа тогаш Мицкоски во разговорот за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Последното барање за екстрадиција на Груевски е од 2019 година за сите постапки за кои што е распишана потерница. Барањето беше одбиено од Унгарија со образложение дека на Груевски му е даден азил и согласно нивниот закон лицето не може да се екстрадира во држава од која што е дојден.