Мицкоски не се откажува од ЕУ, но не кажува како ќе продолжи со преговорите
Мицкоски доби пофалба од новинар дека за разлика од Груевски „трпи критика“, но и незгодно прашање - што сработил воопшто Љупчо Димовски?
Премиерот Христијан Мицкоски негираше денес дека оди кон откажување од ЕУ, но и по неколку обиди на новинарите не кажа јасно како ќе ги продолжи преговорите, освен дека ќе бара нови разговори со Бугарија и утврдување нови услови, по примерот на Преспанскиот договор.
На констатацијата дека граѓаните се исплашени бидејќи Македонија остана сама во евроинтеграцијата и дека земјата влегува во изолација, Мицкоски категорично го тврдеше обратното.
„Ќе мора да се навикнете на македонски политичари кои не коленичат, не виткаат кичма и додека го ограбуваат својот народ не потпишуваат договори на штета на своите граѓани. Мора да се навикнете на политичари кои се грижат за своите граѓани, кои работат за нив чесно и одговорно, без да ги понижуваат, ограбуваат. А фокусот на оваа влада, како што кажав, останува кон ЕУ и исполнување на нашата втора стратешка цел, а тоа е полноправно членство во рамките на ЕУ. Не сме сами, имаме многу пријатели, многу пријатели кои се дел од европското семејство. Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на некои од политичарите и земјите-членки на ЕУ и дека тоа е начинот и правиот пат, простете, јас не сум добар соговорник. Со мене може да се разговара само врз основа на аргументи“, рече Мицкоски.
Тој тврдеше натаму дека не слушнал досега ниту еден аргумент зошто Македонија да не стане членка на ЕУ, освен вештачки креирани, и дека логиката, тие се внатре а вие надвор, е ултиматум што тој нема да го прифати никогаш.
„Граѓаните треба да ни веруваат дека нема да направиме ништо спротивно на националните интереси и стратегиски правци и дека нема да направиме ниту една отстапка која значи дополнително понижување на граѓаните. Нивниот интерес е наша заповед“, рече театрално Мицкоски, додавајќи дека едно од тие „никогаш“ е дека нема да отстапи и од реализацијата на втората стратегиска цел – влегувањето во Европската унија. Тој притоа најави дека ќе разговара „колку што ќе треба“ и дека можни се и двете цели – и да се заштити интересот на македонските граѓани, и да се интегрираме во ЕУ.
„Ќе работиме толку долго колку што е потребно, но довербата ќе ја оправдаме“, тврдеше премиерот што за помалку од 100 дена од Република Македонија прејде на Северна Македонија, иако ветуваше обратно.
На инсистирањата да биде поконкретен Мицкоски го спомна примерот со Преспанскиот договор во кој има условна клаузула дека името Северна Македонија ќе почне да се применува кога договорот за пристапување во НАТО ќе биде ратификуван во парламентот во Грција.
„Еве, ние почитуваме договори. Но, зошто тоа не важи и за договорот за добрососедство? Каде во него стои дека ние треба да го смениме Уставот? Ајде да го примениме ова и за ЕУ“, порача Мицкоски, вперувајќи го прстот во, како што рече, три корумпирани политичари кои ставиле потпис на документ во кој нема ваков услов и прифатиле двоен стандард.
Тој соопшти дека токму тоа го понудил неговиот пријател Виктор Орбан, да седнат и да разговараат со Софија, но иако Мицкоски прифатил, од Софија ја одбиле иницијативата.
„Треба да се разговара, преговара, додека не се постигне решение и токму тоа го понуди мојот личен пријател и пријател на Македонија, господинот Виктор Орбан. ‘Еве ние претседаваме со ЕУ, дојдете да седнеме да разговараме да помогнеме колку можеме’, рече тој. Прифатив, покажав конструктивност, жалам што нашиот источен сосед не прифати, јас стојам на располагање, ќе прифатам, нека кажат каде, колку е потребно да разговараме со денови, со часови, сѐ да ставиме на маса да го решиме ова еднаш засекогаш“, рече Мицкоски, па додаде:
„Но, нема да бидам наивен и да влезам во процес што не ни гарантира успешен крај“.
Тој објаснуваше потоа дека и во едно семејство некогаш има недоразбирања, а дека тие што ги имаат со пораките од „Вреди“ дека уставните измени треба да ги поминат, се различни мислења за кои заеднички ќе најдат решение. Тој односите во коалицијата претходно ги нарече „хармонија“, дека функционираат во колегијален дух, иако на моменти имаат разидувања, така што обидите на „очајната опозиција“ да внесе раздор не ги слабее туку напротив – ги зајакнува како коалиција.
Мицкоски генерално потврди дека нема само простор за фалење и дека како Влада имале и гафови изминатите сто дена, оценувајќи дека тоа е природна работа и дека тие не предизвикале катастрофална штета, дотолку повеќе што по секој од нив се коригирале во одлуките. За критиката дека бавно биле именувани кадрите низ институциите тој рече дека во минатото имало критики дека се брза да се партизираат, но потврди дека некои кадровски одлуки што покренале сомнежи во јавноста се покажало дека биле објективни, и биле избрани други. Мицкоски притоа тврдеше дека владата всушност задржала сѐ што било добро од претходната власт, но место кадри спомна странски инвестиции што тие ги договарале, а оваа влада ги заокружи.
Како куриозитет, на прес-конференцијата за 100-те дена Влада, Мицкоски имаше еден светол и еден мрачен момент. Имено, еден од новинарите го пофали дека за разлика од Никола Груевски и неговиот тим тој „три критика“ и не се крие од прашања, а мрачен, кога по тврдењето дека сите именувани министри ги оправдале шансите што ги добиле во овој период, една новинарка го праша – што сработил и како изгледа воопшто работниот ден на Љупчо Димовски?