Мицкоски не може да обезбеди почитување на македонскиот јазик ни во владата, вели СДСМ


Вицепремиерот Арбен Фетаи (Фото: Б. Грданоски)

 

По вчерашното одбивање на вицепремиерот Арбен Фетаи да одговара на македонски јазик на поставени новинарски прашања, опозициската СДСМ го прашува премиерот Христијан Мицкоски дали ќе го разреши поради овој „инцидент“.

Фетаи им рече на новинарите дека „уште не бил спремен на македонски“.

„Од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски молк. Нема реакција, нема извинување, нема барање за одговорност.

Прашањето е едноставно: за ова ли на Мицкоски му требаа 58 пратеници? За уште поголемо непочитување на македонскиот јазик и институциите?

Ова не е изолиран случај. И други функционери од албанскиот блок во Владата на Мицкоски не се обраќаат на македонски и не одговараат на медиумите. А ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо.

Во јуни имаше сличен случај, Мицкоски излезе и кажа дека ако се повтори уште еднаш ќе биде разрешен директорот кој тогаш одби да зборува македонски јазик.

Ќе го разреши ли Мицкоски сега Фетаи?“, изјави денеска Јовица Јанковиќ на прес-конференцијата во СДСМ.

Според него Законот за употреба на македонскиот јазик, донесен во 2024 година, предвидува и санкции за неупотреба на македонскиот јазик. „Казни од 1.500 до 3.000 евра за непочитување на употребата на македонскиот јазик има, ама нема кој да ги напише. Прашањето е зошто? И дали намерно не се формираше Инспекторатот за ова самоволие на функционерите од власта вака да поминува.

ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на сето ова се прават глуви и слепи, како ништо да не се случува. Се колнеа во ‘македонштина’, се бореа против француски предлог и ‘асимилација’, а денес не можат ни да обезбедат почитување на македонскиот јазик во сопствената Влада“, рече Јанковиќ.