Мицкоски не кажува дали ќе има одговорност за некој од актуелната власт


Премиерот Христијан Мицкоски го избегна и денес прашањето зошто никој од актуелното раководство во земјата не одговара за трагедијата во Кочани, односно на прашањето за некој одговори повторно со неодредено „секој“.

-Секој кој го прекршил законот, ќе одговара. И тука не треба да има дилема“, порача театрално премиерот , иако јавноста прашува директно за тие од власта .

Тој притоа посочи дека во првите три дена по трагедијата во Кочани 34 лица се опфатени со истрагата, а акцијата продолжува.

-Граѓаните треба да бидат спокојни. Правдата доаѓа. За разлика од принципот „како до сега“ овој пат правдата доаѓа и правдата ќе се случи без разлика дали лицето е дел од некоја политичка структура или не, рече Мицкоски.

Во однос на тоа дали ќе бидат затворани тие што работеле без да ги исполнуваат условите, Мицкоски потврди, но најави исто така дека ќе им се даде шанса да ги исполнат , бидејќи не можат да бидат „преки суд“.

-Нормално, кога зборуваме за мораториум, зборуваме за еден временски период кој ќе биде даден на сопствениците да ги отстранат недостатоците или да се прилагодат на дискотека, кабаре или нешто друго. Тоа е добро да се потенцира за да нема дилеми. Суштината е сите оние кои доставиле документи, а не ги исполнувале условите, согласно вонредните инспекциски надзор од Државен пазарен инспекторат, да ги исполнат условите, рече Мицкоски. 

Запрашан за коментар по соопштението на ДУИ во кое обвинуваат за политички прогон Мицкоски порача „нека им служи на чест, но ние ќе продолжиме да се бориме против секакво девијантно однесување сега, но и во минатото“.

-Жалам што ДУИ не излезе од онаа матрица којашто ја гледаме на политичката сцена повеќе од 22 години. Наместо да изрази сочувство и да се вклучи во истрагата за да помогне, тие се обидоа овој случај да го политизираат и етнизираат, односно да се обидат на глодарски начин некако да добијат некој политички поен од несреќата на овие невини жртви. Јас само можам да кажам – нека им служи на чест, а ние како влада ќе продолжиме и понатаму да се грижиме и да се бориме против ваквото девијантно однесување и сега, ако го има, но и ќе претресеме сѐ, и ќе извадиме на виделина за тоа што се случувало во минатото. А, ДУИ повеќе од 20 години е дел од тој систем од минатото, рече Мицкоски.