Мицкоски не го интересира што се случува во СДСМ, сака само избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не сака да ги коментира случувањата во владејачкиот СДСМ и вели дека него како претседател на опозициската партија го интересира да има предвремени парламентарни избори.
„Нема да коментирам случувања во СДСМ и другите политички партии. Имам еден принцип кој го задржувам секогаш во начинот на моето политичко функционирање, а тоа е дека не треба да им го правиш на луѓето тоа што не сакаш луѓето тебе да ти го прават. Тоа си е нивна автономна работа. Она што мене ме интересира како претседател на ВМРО-ДПМНЕ е да има предвремени избори за да може на Македонија да ѝ тргне напред, на граѓаните да им тргне напред и да добијат влада која ќе ја изберат, а не премиер кој ќе го постават неколкумина кои така решиле да биде“,одговори Мицкоски на прашањето што очекува од она што се нарекува „пеколен план на СДСМ за избори и широка коалиција“.
Со ваквото прашање до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ веројатно се алудира на пишувањата на порталот „Плусинфо“ кој минатата недела објави дека има превирања во СДСМ, односно за обид за пуч пишувајќи дека поранешниот партиски лидер Зоран Заев со сите сили се обидува да ги поткопа позициите на Димитар Ковачевски и за таа мисија бара сојузници на сите страни, дури и во врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Повикувајќи се на свои извори, „Плусинфо“ пишуваше дека на состанок на „Бихаќчка“, Заев претставил план за итни предвремени избори по кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички ќе ја делат власта во наредните осум години, како и за елиминација на ДУИ и Али Ахмети од Владата, односно внесување друг партнер од албанскиот политички блок.