Мицкоски не гледа потреба за кризна состојба, предлозите на опозицијата биле „соцболшевизам“

Премиерот ги повтори претходните оценки дека дизелот во Македонија е најевтин во однос на соседството. Предлозите на опозицијата биле несериозни


Бензинските пумпи во понеделникот беа опседнати со возила пред големото зголемување на цената на дизелот (Фото: Б. Грданоски)

 

Владата денеска нема да прогласи кризна состојба која е потребна за потоа да се донесат мерки за намалување на акцизата и на данокот на додадена вредност, односно да се интервенира во цените на нафтените деривати кои од денеска се значително поскапи.

Ова претпладнево го најави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашања на новинарите околу состојбата на пазарот со нафтени деривати и нивното поскапување. За него предлозите на опозициските СДСМ и ДУИ се несериозни и непрецизни и ги нарече „соцболшевизам“.

„Во моментов не гледаме потреба од прогласување на кризна состојба“, изјави Мицкоски.

Запрашан за барањата на опозицијата Владата да ги намали акцизите и ДДВ за нафтените деривати, како и Регулаторната комисија да донесе нова мерка со која ќе се намалат цените на дериватите откако на светките берзи поевтини суровата нафта, Мицкоски одговори дека намерно не ги прокоментирал бидејќи  „понекогаш молкот е доволен одговор на некои прашања“. Парафразирајќи ја кампањата на СДСМ за тариторијалната поделба пред повеќе од 20 години и познатата реченица – Некои прашања не заслужуваат одговор. 

„Не случајно не ги прокоментирав, бидејќи станува збор за прилично несериозни, непрецизни и неточни предлози бидејќи во еден момент ги слушате како создаваат хистерија за 600-700-800 евра минимална плата, а од друга страна велат да се избришат даноците, да нема ДДВ, па не враќаат во едни други времиња на соцболшевизам и еден вид на таква економија“, рече Мицкоски, додавајќи дека тоа било причината што се обидел воопшто да не ги коментира „творците на канабис економијата во Македонија“.

„Понекогаш можеби и молкот е доволен одговор на некои прашања“, додаде Мицкоски.

Инаку, тој денес повтори дека и по најното поскапување на бензинот и на дизелот, Македонија има убедливо најниска цена на нафтата и во моментот нема опасност од недостиг.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа какви мерки ќе бидат преземени за стабилизација на цената на нафтените деривати, по направениот увид на изградба на пречистителна станица во Кучевишка Бара, Општина Чучер Сандево, тој направи споредба со цените на дизел горивото со земјите во соседството.

По вчерашното нивелирање на цената од страна на Регулаторна комисија за енергетика, тој појасни дека литар дизел гориво чини 1,39 евра, во Албанија е 1,79 евра, што е околу 30 проценти поскапо, во Србија цената е 1,73 евра или 25 проценти повисока од Македонија. Во Косово цената варира, но, според премиерот, достигнува до 1,51 евра, што е околу 10 проценти поскапо од кај нас. Во Грција е 1,59 евра или 15 проценти повисока додека во Бугарија е 1,41 евра.

„Како држава имаме убедливо најниска цена на нафта и тоа во моментот можеби е добро од еден аспект, но од друг аспект во дел од пограничните општини се создава притисок од соседството, бидејќи голем број од граѓаните од соседството доаѓаат да точат дизел гориво и затоа се случува на некои бензински пумпи побргу од тоа што е очекувано да снема гориво, но тоа брзо се надоместува“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека Државниот пазарен инспектор е континуирано на терен и оти нема прекини во снабдувањето, но и оти е логично да има притисок во западниот дел од државата.

„Очекуваме притисок и периодот кој што следи, но имаме доволно количини. Разговараме со дистрибутерите и со компаниите кои што ги снабдуваат граѓаните и македонската економија со нафта и нафтени деривати. Во моментот нема опасност од каков било недостиг, така што ние како Влада продолжуваме да ја следиме состојбата. Можеби условно кажано, добра вест е што утринава, од тоа што можев да го видам и Брентот и останатите продукти на светските берзи се во опаѓање. Ако вчера го достигна пикот од 120 долара за барел, денеска тргуваат за некаде 90-ина долари за барел“, изјави Мицкоски, нагласувајќи дека ќе реагираат согласно развојот на настаните.

Тој најави за утре состанок со сопствениците на синџирите супермаркети и хипермаркети.

„Сакам и со нив да поразговарам, да не се користи сега овој притисок веднаш да се зголемат цените и притисокот да се префрли врз потрошувачката кошница на граѓаните, за да не мораме ние како Влада да преземаме друг тип на офанзивни мерки“, истакна претседателот на Владата.

Комисијата за заштита на конкуренција и Државниот пазарен инспекторат, нагласи, ќе го следат однесувањето на трговците на производи на мало и големо и врз основа на нивното однесување, така и Владата ќе се однесува.

„Очекуваме тие да имаат фер однос кон граѓаните за и ние како Влада да бидеме фер кон нив, односно заеднички во овие моменти да го заштитиме стандардот на граѓаните, бидејќи тоа претставува наша цел и приоритет во моментот“, додаде Мицкоски. (Н.В.)