Мицкоски не би правел влада со ДУИ, барем не сега и не со ова раководство


 

За ВМРО-ДПМНЕ влада со ДУИ не е посакувано сценарио. Особено не со ова раководство на интегративците. За тоа што всушност може да се случи ќе одлучат граѓаните.

Така лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во вечерашното интервју на Канал 5 кажа што мисли за ситуацијата кога поради изборните резултати, би морал да разговара со ДУИ. Велејќи „не со ова раководство“, Мицкоски на директен начин им даде за право на забелешките на „огнената група“. И додаде дека за наводните криминални афери ќе имало одговорност. А ако тој би бил премиер „не смее да во влада да има министри кои не одговараат пред премиерот, туку пред партискиот лидер. Се знае кој е мандатар и кој е премиер. Кажувам дека такви луѓе, ако јас бидам мандатар, нема да бидат дел од мојот кабинет“, рече тој.

Мицкоски рече дека имало притисоци околу уставните измени, но тој немало да попушти ни милиметар „бидејќи не се работи за инает, туку за одбрана на државните интереси“.

Тој го наведе како последен датум за одржувањето на предвремени избори, за што постојано зборува неколку години, почетокот на јуни и дека партијата се согласува на нив да се оди без  техничка влада. Доколку изборите бидат идната година во април или јули (кога е законскиот термин), тогаш техничка влада ќе има.