Мицкоски најавува смени во повеќе ресори, нема да има нови коалициски партнери
„Во мај или јуни ќе се знае дали и кој министер ќе замине од одредено министерство или ќе премине во друго“, изјави премиерот.
Тој нагласи дека во моментов не гледа простор за проширување на владината коалиција со нови политички субјекти, оценувајќи дека постојната соработка функционира стабилно, отфрлајќи можност за влез на Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села.
„Како коалиција имаме исклучително коректна соработка и не гледам простор за преговори со други политички субјекти“, порача Мицкоски, додавајќи дека политичкиот кредибилитет се гради и губи само еднаш.
Реконструкцијата, како што најави, ќе опфати повеќе ресори, а одлуките ќе се носат во координација со коалициските партнери. Според него, целта е зголемување на ефикасноста на Владата и подобрување на резултатите во клучните области.
Најавената реконструкција на Владата се поврзува со неколку политички фактори, меѓу кои најчесто се споменува случајот со министерот Фатмир Лимани. Неговата позиција се доведува во прашање поради незадоволство во Движење БЕСА и лидерот Билал Касами, но и по контроверзиите околу неговото присуство на настан во Тирана каде беше фотографиран со Али Ахмети. Дополнително, политичките шпекулации за нов партиски проект ја зголемија тензијата во коалицијата.
Во исто време, коалицијата ВРЕДИ минува низ процес на трансформација, што отвора внатрешни несогласувања. Позицијата на вицепремиерот Арбен Фетаи е под знак прашалник поради различните визии во раководството на коалицијата, каде влијание имаат и Изет Меџити и Арбен Таравари.Покрај политичките пресметки, реконструкцијата може да опфати и министри од други партии во власта, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, особено во ресорите каде се очекуваат побрзи резултати и поголема ефикасност.