Мицкоски најавува пресметка со судиите, ЕУ бара да ги оствари реформите
Повод за реакцијата е најавата на премиерот неодамна дека нема намера да го спроведува барањето од ЕУ да им се зголемат буџетот и платите на судиите иако тоа е дел од Реформската агенда за која власта треба да испорача резултати до декември

Европската унија очекува реформите во судството да бидат во согласност со препораките на ЕУ и на Венецијанската комисија.
Ова го изјавија од Делегацијата на ЕУ во Македонија, откако судството стана предизборна тема во кампањата за локалните избори, при што СДСМ обвинуваат дека власта не ги прави реформите што ги бара ЕУ, а премиерот се заканува дека веднаш по изборите ќе се пресмета со некои од судиите кои, според него, ја кочат правдата бидејќи се кадри „заробени“ од СДСМ и ДУИ.
Повод за реакцијата е најавата на премиерот неодамна дека нема намера да го спроведува барањето од ЕУ да им се зголемат буџетот и платите на судиите иако тоа е дел од Реформската агенда за која власта треба да испорача резултати до декември. Според него, судиите не го заслужуваат ни тоа што го добиваат, иако во моментов судиите добиваат помали плати од тоа што е утрврдено со закон.
„ЕУ постојано нагласува дека независно, одговорно и соодветно опремено судство е камен-темелник на владеењето на правото, демократијата и одржливиот економски развој.
Ја знаеме најавата дека шесте закони за реформа на судството ќе бидат усвоени до крајот на оваа година во согласност со роковите предвидени во реформската агенда. Ги охрабруваме властите да ги одразат препораките на ЕУ и на Венецијанската комисија во законодавството за да се осигурат дека тие се во согласност со релевантните меѓународни стандарди и најдобри практики“, порачаа од ЕУ.
Од таму нагласуваат дека иако „одредувањето на буџетските распределби и на платите е суверена одлука на властите, сепак, тие треба да се придржуваат кон националното законодавство и да овозможат соодветно функционирање на судството“.
„Извештајот за проширувањето на Европската комисија од 2024 година ја нагласи потребата од доволно ресурси и финансиска автономија на судството“, порачуваат од ЕУ делегацијата. (С.Ј.)