Мицкоски наддава: Цената на коридорите ќе биде барем двапати поголема од објавената


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и денес ги продолжи нападите против договорот со „Бехтел и Енка“ тврдејќи дека обврските што ги презела Владата ја ставаат Македонија во подредена положба и создава проблем и за следната деценија. Според него, цената на коридорите ќе биде барем двапати поголема од оваа што сега се лиферува во јавноста, иако такви математики правеше и со цените на гасот, струјата и слично, па најавените катастрофи не се случија.

-Оваа цена  што се лиферува од страна на владата ќе биде зголемена најмалку двапати  и тоа е содржано во договорот што го имаме ние како верзија, а неколкупати во минатото потенциравме дека го имаме добиено од свиркач. Доовој момент од страна на владата за сите оние информации што ги објавувам и  делови од тој договор не бевме демантирани, дека тоа не кореспондира со вистинската верзија туку напротив тие влегуваат во дискусија и во дебата, со што само ја потврдуваат веродостојноста на договорот што го добивме од свиркач. Така што  уште еднаш ја повикувам јавноста да биде будна во периодот што следи бидејќи имаме отсуство на јавна дебата поврзана со овие големи инфраструктурни капитални проекти и ќе мораме на ваков начин да јавно дебатираме со владата, рече Мицкоски на дебатата организирана од Сојузот на стопански комори. 

Од СДСМ пак веднаш возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ и Левица водат хајка против изградбата на коридорите  и против реномираната американска компанија и дека, иако секојдневно бараа договорот за коридорите да се достави во Собранието,а сега молчат и не кажуваат кога и на која собраниска комисија  да се разгледува.

-Наместо дебата и конструктивност, ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести за цената, за роковите за изградба на делниците.Тоа покажува дека ВМРО-ДПМНЕ сака по секоја цена да ја одложи реализацијата на проектот, изградбата да трае подолго, а државата да плати 150 милиони евра повеќе.Изградбата на коридорите е најголема инвестиција во инфраструктурата во историјата на државата во вредност од 1.3 милијарди евра каде ќе се изградат 110 километри автопатски делници на коридорите 8 и 10Д.СДСМ и парламентарното мнозинство нема да дозволат блокада на овој капитален проект и нема да дозволивме при неговата изградба да се повтори хаосот од автопатот Кичево – Охрид. Со предог законите кои влегуваат во собраниска процедура се унапредува ефикасноста во изградбата на патната, железничката и енергетската инфраструктура во државата. На тој начин, се обезбедува побрза, поевтина и квалитетна изградба не само на овој проекти, туку и за сите идни национални и стратешки проекти, како автопати, железници, гасоводи и слично.Меѓу нив спаѓаат и проекти финансирани од ЕУ, од меѓународни финансиски институции.Сите предложени законски измени се во согласност со Уставот и со нивното донесување ќе се заштедат 150 милиони евра и две години изградба за коридорите 8 и 10Д.Изградбата на овие коридори, носи економски придобивки, со отворање на 8.000 нови работни места и номинален раст на БДП од два отсто годишно, порачаа од СДСМ.