Мицкоски на средби со високи преставници на ЕУ во Брисел
Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот Христијан Мицкоски, а во состав на потпретседателите Александар Николоски и Тимчо Муцунски денес и утре престојува во официјална посета на Брисел, при што ќе оствари средби со голем број високи претставници на ЕУ и ЕПП.
Денес попладне предвиден е состанок и со Симон Морду, главен советник за надворешни работи на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Вечерва со почеток од 20 часот делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари работна вечера со европратеникот од ЕПП, Кристијан Сагарц, известувач во сенка за Македонија во Европскиот парламент.
Во вторник делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе има работен доручек со Ангелина Еикхорст – Директор за Европа во службата за надворешни работи на ЕУ, а потоа е предвидена средба со Патрик Волер, директор за меѓународни односи на ЕПП.
Делегацијата предводена од претседателот Мицкоски ќе оствари средба и со Манфред Вебер, претседател на ЕПП и претседател на парламентарната група на ЕПП во Европскиот парламент.
Во Европскиот парламент делегацијата ќе има средби и со потпретседателот на Европскиот парламент Рајнер Виланд, по што ќе имаат средба со Дејвид Мекалистер, потпретседател на ЕПП и претседател на комисијата за надворешна политика на европскиот парламент (АФЕТ).
На крај делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе има средба со Марион Валсман, потпретседателка на Заедничкиот парламентарен комитет на Делегацијата на ЕУ во Македонија.