Мицкоски му одреди на Орце Ѓорѓиевски што да работи како градоначалник на Скопје
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ направи своја виртуелна прошетка низ Скопје и, всушност, се претстави како можен алтернативен градоначалник на главниот град

Христијан Мицкоски не сака да биде само премиер туку и градоначалник на Скопје по локалните избори. Или евентуално алтернативен градоначалник со клучно право на глас.
На денешниот втор ден од отчетот на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во скопскиот хотел „Холидеј ин“ тој ја објави својата визија – или подобро речено, програма – што треба да се прави во главниот град и што, всушност, треба да работи кандидатот на партијата за градоначалник, Орце Ѓорѓиевски. Мицкоски направи вербално виртуелна прошетка низ Скопје и му ги кажа точките врз кои треба да се задржи кандидатот ако ги добие изборите. По ова излагање како и да нема потреба Орце Ѓорѓиевски да прави своја програма – сѐ му е кажано од лидерот на партијата. Тој само треба да ги остварува идеите на лидерот.
Па, каква е програмата на Мицкоски за Скопја кажана низ негови зборови. Според него за Скопје се приоритетни три столба – враќање на хигиената, завршување на сите започнати проекти и консолидирање на претпријатијата. Развојот во иднината, одржилвоста, зелената енергија, рамките во кои треба да се шири Скопје – не се најдоа во плановите на Мицкоски кои треба да ги остварува Ѓорѓиевски.
Мицкоски директно му се обрати на Ѓорѓиевски и му порача дека треба да се зафати да го исчисти Скопје од ѓубре.
„Паралелно со тој процес, следи процес на разеленување на Скопје и облагородување со хортикултура. Нормално, во првата година од мандатот, ценам дека главното, централно скопско јадро треба да биде дел од неговиот фокус. Кога зборувам за главното централно скопско јадро, мислам пред сè на Градскиот парк, Скопје и најмладите конечно да добие луна парк каков што заслужуваат“, истакна Мицкоски.
А потоа планот на Мицкоски што треба да го остварува Ѓорѓиевски, е да се премине скопското Кале, „а од таму би се спуштил по Старата скопска чаршија, каде што треба да има ред и да се помогне на тие луѓе таму кои одржуваат сè уште занаети кои, за жал, се во изумирање, а како градоначалник Орце тоа може да го стори“.
После Чаршија, Мицкоски рече дека би се спуштил надолу и би одел на плоштадот пред Министерството за транспорт, за и таму да се средат сите урбани работи, па преку Камениот мост до главниот плоштад и сѐ ова да биде збогатено со хортикултурна содржина и разеленување.
Според Мицкоски, паркот „Жена борец“ и улица „Македонија“ биле во лоша состојба, а фасадите на „Рекорд“ треба да се завршат.
„Потоа, преку улица Македонија би завршил кај црквата ‘Св. Константин и Елена’, којашто според планот, очекувам да биде завршена и пуштена во функција, некаде крајот од септември, заедно со куќата на Мајка Тереза и Домот на АРМ коешто треба министерството за одбрана да го реновира. Така со тој сквер, Орце ќе мора да се позанимава како иден градоначалник и да го облагороди со урбана опрема, кој ќе го користат скопјани и се побројните туристи“, посочи Мицкоски.
Па својата виртуелна прошетка наменета за кандидатот за градоначалник ја заврши на Водно и Матка. Потоа да се заврши клучката кај Момин Поток, која се гради повеќе години, мостот кај Керамидница да биде пуштен во функција и да се заврши булеварот кон Драчево, да се исчисти Вардар, да се гради колекторскиот систем… И така натаму и така натаму.
На Орце Ѓорѓиевски партискиот лидер му ги претстави приоритетите и програмата. Тој треба само да работи. Ако ги добие изборите. (Н.В.)