Мицкоски: Македонија е уморна од состаноци на кои не се носат одлуки

Македонија е уморна од состаноци на политичари во вратоврски на коишто не се носат одлуки туку само се парадира,порача денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Изминатиов период имаше лидерска средба во Собранието и можам да кажам дека Македонија е уморна од состаноци на политичари во вратоврски на коишто не се носат никакви одлуки туку само се парадира, додека зад завесите се продолжува со истите погубни политики кои земјава ја тонат уште подлабоко и со уште поголема брзина. Таквиот декор продолжува со неславни традиции, а не носи решенија за народот“, истакна Мицкоски на денешната годишна конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„Затоа прво сакам да зборувам за една таква лидерска средба која што скоро се одржа во Собранието. Единствената лидерска средба за која што можам да кажам дека ќе е потребна на Македонија е онаа лидерска средба на која што со задоволство ќе придонесам, а на која што би седнале сите општествени чинители и би разговарале за платформа за Македонија и нејзиното стратешко позиционирање во однос на отворени прашања“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски додаде дека во регионов и светот се случуваат сериозни преструктуирања, процеси и се искажуваат отворени аспирации за многу прашања кои не се затворени, а Македонија како држава нема никаква позиција, никаква шанса, ниту можност да зборува за истите.
„Додека домот полека прокиснува, темелите се нишаат, ѕидовите пропаѓаат. Затоа на Македонија ѝ треба средба на која ќе седнат сите општествени авторитети, академици, професори, претставници на универзитети, новинари, писатели, младински лидери, на која ќе се разговара за платформа, за позиции и прашања за стратешкото позиционирање на Македонија наспроти сите предизвици, во однос на европската иднина, во однос на бугарското прашање, во однос на националниот консензус за значајните прашања што за жал го немаме, за економскиот стандард и живот. Една платформа што ќе ги обедини сите, буквално сите, а една целта ќе биде една и заедничка, а тоа е – Македонија. Македонија во која има промени, пристоен живот и иднина. Тоа е и концептот за нов општествен договор кој почива на принципите на мојата визија за заедничкиот патриотизам за кој во неколку наврати досега сум говорел. Таквиот заеднички патриотизам треба да даде одговор на сè она што како сидро нè влече надоле и да нè обедини околу желбата да се тргне напред. Да покаже дека има надеж и нашите луѓе да ги зачува во родната земја. И затоа власта не сака да говориме за ваквите теми. И затоа тие кога ќе сакаат јас да зборувам за Ванчо, ќе ги оставиме нив во историјата, а јас ќе зборувам за решенијата за сегашноста и иднината“, појасни Мицкоски.
Тој исто така повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи промена на Уставот и бара час поскоро да се формира техничка Влада и да се одржат предвремени парламентрани избори.
– Јасно и гласно сме кажале, јасно и гласно сме повториле – нема хотел пратеници како што тоа го кажа пред некој ден Пендаровски, коишто биле убедувани во еден хотел недалеку од овде. Сега имаме пратеници коишто цврсто стојат на својот став и тие нема да дозволат промена на Уставот. И да ја затвориме таа тема. И ајде од утре да зборуваме за темата за која јас сакам да зборувам, а тоа е час поскоро формирање техничка влада и најдоцна до пролет да одиме на предвремени парламентарни избори. Не треба да се плашите ако народот ви верува во ова што го работите, ако народот ви верува, тогаш нема зошто да се плашите. Охрабрете се, излезете на предвремени парламентарни избори, па народот нека каже кој треба да ја води Македонија и чија политика ќе ја победи другата политика, истакна Мицкоски.
Осврнувајќи се на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека следната година ќе биде подобра, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека таа реченица ја слуша веќе пет години, а секоја година е само полоша од претходната.