Мицкоски лично разговарал со Ердоган за непријатностите на пациентите од Кочани кои се враќале од Анкара


Фото: Б. Грданоски

Пред некој ден пациенти од пожарот во Кочани, кои биле на лекување во Анкара, Турција, доживеале непријатности на аеродромот во Истанбул, откри премиерот Христијан Мицкоски.

Тој рече дека лично разговарал со најблиските соработници на претседателот на Турција и со Ердоган лично и се надминала состојбата.

– За дечињата кои пред два-три дена се враќаа од Анкара, коишто имаа непријатна ситуација на аеродромот во Истанбул, лично разговарав со еден од родителите, со луѓето од најблиската околина и лично со претседателот Ердоган. Се среди целата работа. Децата се вратија, а беше обезбеден транспорт од аеродром до болницата „8 Септември“ каде биле прифатени. На нивна одговорност не останаа на еднодневен мониторинг – рече Мицкоски денеска од Штип, но не прецизира за каква непријатност се работи.

Тој вели дека оваа работа ќе трае со години, а тој и неговите луѓе се на располагање на семејствата на загинатите и на оние кои имаат последици од трагедијата.

– Членови од кабинетот на премиерот на неделна основа разговараат со членови на семејствата на трагично починатите, но и на оние коишто се со последици од тој ужасен начин – рече Мицкоски.

Планира во следниот период лично да се сретне со нив, а вели дека на дневна основа се соочуваат и решаваат проблеми коишто се поврзани со случувањата во Кочани.

Како што соопшти Министерството за здравство на 2 мај, осум пациенти се вратија од лекување во Турција, Бугарија и Словенија, а во странство остануваат хоспитализирани уште 18 повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Од осумте пациети кои се враќаат, пет се лекуваа во Турција, двајца од Бугарија и еден во Словенија. Согласно протоколот, пет пациенти ќе бидат под опсервација во ГОБ „8 Септември“, двајца на Клиника за пластична хирургија и еден пациент во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени. Поголем дел од пациентите со изгореници и со вдишан чад се лекуваа во странство, а секојдневно се враќаат по неколку пациенти, кои продолжуват да бидат надгледувани и третирани во македонските болници.