Мицкоски крои план да го спречи упатството на ДИК за независните кандидати

Владини претставници ќе имаат средба со некои правни експерти кои тврдат дека не може со упатство на ДИК да се регулира учество на независни кандидати на избори


 

Здруженијата и организациите на независните кандидати за локалните избори изгледа имаат право. Тие не ѝ веруваат на политиката и покрај одлуката на ДИК дека со ништо не може да бидат спречени нивните кандидатури и дека нема потреба да собираат потписи, па ја продолжуваат акцијата да се формираат како партија.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека претставници од Министерството за правда ќе имаат средба со некои од правните експерти кои тврдат дека не може со упатство на ДИК да се регулира учество на независни кандидати на избори. Потоа, вели Мицкоски, ќе биле преземени соодветни чекори во рамки на законите. Премиерот не наведува кои се тие експерти.

„Министерството за правда ќе има состанок со дел од тие експерти. Чекаме да видиме што мислат и да повлечеме таков потег, инаку ќе се постапи секако според закон. Нема да се постапува надвор од законот“, рече премиерот во одговор на новинарско прашање при посетата на Универзитетска клиника за урологија.

Вчера Мицкоски истакна дека ставањето вон сила Упатството на ДИК од 2024 година за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик не го нарушува изборниот процес за локалните избори. ДИК, истакна, има законска обврска да донесе ново. Какво ќе биде тоа, рече Мицкоски, зависи од самата Комисија. 

ДИК на седницата во саботата усвои заклучок вон сила да се става Упатството на ДИК од 2024 за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик.

Како што рече претседателот на ДИК Борис Кондарко, тоа упатство за регулирање на постапката за собирање потписи се става вон сила поради одлуката на Уставниот суд со која се укинати членови 61 и 62 од Изборниот законик каде што е предвиден број/процент на потписи за предлагање листи на група избирачи. 

Откако пред два месеци Уставниот суд ги укина одредбите од Изборниот законик партиите во Собранието не успеаја да се усогласат за усвојување на измени. Целта е јасна – на секаков начин да им се попречи патот на независните кандидати и иницијативи да учествуваат на локалните избори.