Мицкоски контра ВМРО-ДПМНЕ: Состојбата во СДСМ е нивна внатрешна работа
Изутринава ВМРО-ДПМНЕ преку прес-конференција на Викторија Андоновска рече дека „време е СДС да се соочи со вистината дека Филипче мора да си замине“, за подоцна премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, да изјави дека случувањата во СДСМ и ДУИ се нивни внатрешни прашања: „Тоа е нивна работа“.
„Ова не е случаен резултат. Ова е директна последица на раководството на СДС и Венко Филипче, кој очигледно и натаму работи под диригентската палка на Зоран Заев… тоа е арогантна и деструктивна партија која мисли само на личните интереси “, рече Андоновска.
Мицкоски, барем јавно, по изборите не ги дели ставовите на неговата партија.
„Тоа е нивна работа. Јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ имав многу надворешни замешателства и кога бевме во опозиција, и периодот после оние локални избори во 2021 година. Јас се водам по една стара максима, која што вели, не му правим на човека тоа што не сакаш тебе да ти прават. Ние апсолутно стоиме надвор од тие процеси, не нѐ интересираат, тоа си е внатрешна работа на политичките партии. Дали во ДУИ ќе има одредени кадровски освежувања и поместувања, дали во СДСМ, тоа си е нивна работа“, рече Мицкоски.