Мицкоски контра вицепремиерот Меџити: Ќе нема партиски вработувања за Албанци

По министерот за јавна администрација и премиерот Христијан Мицкоски денеска се спротивстави на најавите претставени како завршена работа на вицепремиеерот Изет меџити дека за една година ќе се вработат 3.000 Албанци во органите на државната управа и админстрација.
„Нема таква работа“, рече Мицкоски. И додаде:
„Ниту ќе има додека сум јас претседател на македонската влада. Ќе се вработуваат и добро е да се вработуваат луѓе кои ќе бидат компетентни и кои ќе одговорат соодветно на тие работни места. За партиски клучеви, етнички клучеви, не треба да го дискутираме, сме го кажале. Ќе направиме закон за да има правична застапеност, етничка, бидејќи овој што го направија претходните Уставен суд го поништи. Бидејќи Бадентерот е уставна категорија, ние мораме да го усогласиме законодавството согласно уставната категорија. Некој може да седи да си прави списоци, јас тоа не го исклучувам, но додека сум јас премиер, таква работа нема да се случи“, рече Мицкоски.
СДСМ денеска повторно зборуваше за оваа најава на Меџити. Портапролката Богданка Кузеска рече дека „ВМРО-ДПМНЕ е во очај од скандалот кој ја тресе владата и 3.000 партиски вработувања кои ги планира Изет Меџити, а за кои Мицкоски молчи.
Очајни се обидите ставовите на новинари да се прикажат како ставови на СДСМ, а комедија е обидот да се прикаже СДСМ како антизападна партија, кога ние со сите дела во минатото и сега покажуваме дека сме партија која посакува и работи на европска иднина.
Го разбираме нивниот гнев во ситуација кога немаат ниеден конкретен успех на ниедно поле, ниту политики со кои граѓантие живеат подобро. Наместо да се занимаваат со овие теми треба да објаснат на граѓаните зошто цените во маркетите се толку високи, зошто неможат да врзат крај со крај и како мислат да го подобрат животниот стандард на граѓаните. Но нив очигледно им е работа да прават дефокус и да етикетираат новинари“.