Мицкоски ќе оди на конгресот на ЕПП во Валенсија. Ќе разговара ли таму со Борисов


 

Утре и задутре во Валенсија, Шпанија, ќе се одржи конгресот на Европската народна партија (ЕПП) на која ќе се избира нов лидер за следниот тригодишен мандат. Единствен кандидат е досегашниот претседател Манфред Вебер од германската ЦСУ, кој во исто време е и претседател на пратеничката група на ЕПП во Европскиот парламент.

Вебер целосно ја зацврсти моќта во ЕПП и во месеците пред когресот успеа да го истурка од позицијата генерален секретар Гркот Танасис Баколас (порано десна рака на премиерот Киријакос Мицотакис).

Според најавите од ЕПП, на конгресот ќе присуствува и македонскиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, иако од партијата досега нема соопштение дека тој оди во Валенсија. Предвидено е и да зборува на првиот ден, 29 април, за време на говорите на лидерите кои не се дел од ЕУ. Програмата вели дека за 20 минути на овој панел свои обраќања треба да имаат вицепремиерот на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ, премиерката на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, Христијан Мицкоски, Низар Барака од Мароко и претседателката на Молдавија, Маја Санду.

На когресот во Валенсија ќе биде и лидерот на бугарската партија ГЕРБ, Бојко Борисов. Според најавата од ГЕРБ, Борисов ќе се сретне со повеќе лидери на партии од ЕПП. Дали ќе има средба меѓу него и Мицкоски не се знае, но не може да се исклучи. Тоа би била добра можност најсилните партиски луѓе во двете држави да разговараат и да се обидат да трасираат пат за излез од ќор-сокакот.

Се очекува за генерален секретар на ЕПП да биде избрана Долорс Монсерат од шпанската Народна партија, близок сојузник на Вебер во Европскиот парламент.

Пред шест месеци во Валенсија имаше големи поплави во кои загинаа 228 лица и за тоа јавноста најмногу го обвинува претседателот на регионалната влада кој е член на Народната партија. Се очекува и да има протести за време на конгресот.

ЕПП најмногу внимание на конгресот ќе им посвети на одбрана и демографијата.