Мицкоски како Кисинџер, држи лекции како се постигнува мир во Украина

Според него, Владата имала избор дали да застане со првите во редот со стратешкиот партнер САД или да поддржи заеднички став на ЕУ


Премиерот Христијан Мицкоски (Фото: Б. Грданоски)

 

Премиерот Христијан Мицкоски денес ѝ држеше лекции на екс-министерката Славјанка Петровска како се постигнува мир во Украина, а во контекст на негласањето на Македонија за резолуцијата која повикуваше на тоа со почитување на територијалниот интегритет на земјата.

„Гледам дека сите во светот зборуваат за мир во Украина. Ако зборуваме за мир во Украина, тогаш ајде да работиме на мир. Како се прави тоа? Се седнува и се преговара. Тоа е начинот како се постигнува мир. Со воени дејствија на теренот, со жртви, со повредени и со раселени не се постигнува мир. Токму тоа е резолуцијата на САД, да се постигне одржлив мир што цела Европа го посакува“, рече Мицкоски на седницата во Собранието посветена на пратенички прашања.

„Се одржаа средби прво во Ријад, потоа во Вашингтон. И на крајот повторно ќе имаме една иста резолуција којашто сите ќе ја поддржат, а ние сме ко-спонзори. Еве видете што ќе се случи за неколку месеци. Ако грешам, ќе се извинам. Ама ако излезе така како што велам, тогаш Филипче нека излезе на нова прес-конференција и тој нека се извини. Мислам дека треба да го поздравите потегот на Владата и во иднина, ако имате какви било дилеми и ако мислите дека нешто не ви е јасно, тогаш ви стоиме на располагање да ви разјасниме. Мојот телефон го имате, а ако го немате, лесно ќе го најдете. Дојдете, ќе поразговараме во секое време. Сега не се моменти кога треба да ја поларизираме состојбата кај нас, туку сега треба да се обединиме околу националниот интерес“, рече Мицкоски.

Според него, Владата имала избор дали да застане со првите во редот со стратешкиот партнер САД или да поддржи заеднички став на ЕУ.

„Кога видовме дека во ЕУ нема заеднички став, беше логично да застанеме зад резолуцијата на САД. Меѓутоа на Советот за безбедност има постојани земји-членки и членки што се менуваат. Прашањето е зошто постојаните земји не го блокираа носењето на резолуцијата? Зошто не гласаа против ако биле против? Затоа што сите сега еден по еден ќе се редат во Вашингтон“, рече премиерот Мицкоски, иако тие што се редат по него стигнаа до Трамп, а тој до пријателите на Крис Павловски. 

Мицкоски повтори дека гласале исто како и нашиот стратешки партнер САД.

„Еден од нашите амандмани беше усогласен и прифатен. Гласавме воздржано на изменетата резолуција, исто како со САД во координација со нивниот претставник“,  кажа премиерот и ѝ порача на опозицијата дека треба да го поздрави потегот на Владата.

Претходно, поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска,  упати прашање до премиерот за негласањето, односно недавањето поддршка на резолуцијата за мир во Украина, поддржана од ЕУ во Обединетите нации.

„Ако на новинарско прашање да го објасните негласањето или недавањето на поддршка на резолуцијата за мир во Украина, поддржана од ЕУ, дадовте темелен и издржан одговор, наместо арогантниот ‘така одлучивме’, денес ќе ве прашував за инвестициите и економската иднина на оваа држава. Ама, бидејќи така одлучивте и сè уште живеете во еуфоријата на последните парламентарни избори, моето прашање ќе се однесува логично, токму на гласањето или негласањето во Обединетите нации, кои за жал, уште еднаш потврдија, дека меѓународната политика која ја води оваа Влада е бес компас и е хаотична. И да биде пострашно, таа не е усогласена со европските партнери. Наместо да се движи земјата во рамките на доследна меѓународна политика, сведоци сме на импровизации кои ја ставаат Македонија во неизвесна позиција на глобалната сцена. Додека другите европски држави тактички балансираат во сложените геополитички односи, вие, со својата недоследност ризикувате да ја маргинализирате земјата во европските и меѓународните политички кругови“, му порача Петровска.

Според неа, негласањето за европската резолуција за Украина дополнително ја разобличи оваа хаотичност.

„Со воздржаното гласање, Македонија се најде во несоодветно друштво со земји како Гана, Бангладеш и Замбија, додека сите наши соседи, како и земји со силни трансатлантски врски, гласаа ‘за’. Ова ја отвора дилемата: дали Северна Македонија останува на европскиот пат или се движи кон геополитичка изолација? Нешто што за ВМРО-ДПМНЕ, од минатото не е непознато. Премиере, да се гласа воздржан, значи да се нема став или да се нема стратегија. Вие изјавивте дека сте тргнале во дипломатски поход, за да му објасните на светот какви неправди и се нанесуваат на Македонија. Три пати бевте во САД, и лично јас тоа го поздравувам. За мене, САД се наш стратешки партер исто како и за вас. Има една разлика, за мене и за СДСМ, САД се наш стратешки партнер и кога сме власт и кога сме опозиција. За вас тоа не е така. И затоа, моето прашање до вас е: Дали, при вашата дипломатска офанзива во САД, го соопштивте вашиот предизборен став, дека Преспанскиот договор е предавнички и дека треба да се менува, затоа што тој беше потпишан под покровителство и поддршка на сегашниот и тогашниот претседателот на САД, господинот Доналд Трамп и дали добивте гаранција за возврат на неодлучноста која ја демонстриравте во Обединетите нации?“, праша Петровска.

Седницата за пратенички прашања потоа се претвори во монолог на Мицкоски кој, откако почна како Кисинџер заврши како Фидел Кастро, зборувајќи за импресиите од САД повеќе од еден час. Во еден момент тој ја нападна Европската унија, цитирајќи го говорот на потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс за недозволивоста од мешање во внатрешните работи на други држави.

„Ако некој не го сфати говорот на Венс  за мешањето во внатрешните работи, што да кажеме“, посочи Мицкоски посочувајќи ги како такви примери промената на името и знамето на државата, а сега и барањето за промена на Уставот, додавајќи: Ако тоа не е мешање во внатрешните работи, не знам што е“.