Мицкоски ја жали Јанкулоска, но не и Груевски и Поповски


 

Откако Врховниот суд денеска објави дека ги потврдил пресудите во случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот „мерцедес“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави оти Гордана Јанкулоска била судена без докази затоа што „не одбра да биде слуга во скутот на Заев“.

Во реакцијата на Фејсбук, Мицкоски вели дека „Јанкулоска беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и тука таргетот не е Јанкуловска, туку ВМРО-ДПМНЕ“. Тој уште додава дека „оваа одлука на судот е ден по раскрвавената глава на Палевски“ и дека „ова не е никаква правда, туку начин да се оттргне вниманието од вистинските скандали, криминали и неуспеси на мафијата на власт“. Според Мицкоски, „мафијата не треба да се плаши од одмазда, туку од правда, а таа ќе дојде“.

Но во својата реакција Мицкоски нема ниту еден збор поддршка за другите двајца осудени за „мерцедесот“ – Никола Груевски и Ѓоко Поповски. Според Мицкоски, со потврдената пресуда за Јанкулоска целата била ВМРО-ДПМНЕ, но не не кажува која била целта со потврдената пресуда за неговиот претходник на функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Исто така и за Ѓоко Поповски.

Во овој случај што го водеше поранешното СЈО, со правосилна одлука на Апелацискиот суд, Гордана Јанкулоска, како тогашен министер за внатрешни работи и Ѓоко Поповски, како помошник-министер во МВР беа осудени на четири години затвор, а Никола Груевски на две години затвор. (Н.В.)