Мицкоски ја призна големата лага

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нема да смени ни една запирка од потпишаните договори со Грција и Бугарија, но големата лага сѐ уште дава изборни поени


По високото вивнување во небото по големата победа на комуналните избори Христијан Мицкоски го почна мекото спуштање на земјата. Но сѐ уште лебди ни на земја ни на небо. На сите што веруваа дека ќе ги поништи договорите со Грција и со Бугарија ќе им ја признае, како што вели реалноста, дека не ќе можат да се променат потпишаните договори. Штетата е направена, ама кога ќе дојде на власт ќе се обиде да ја поправи колку што тоа ќе биде можно. Тоа е првиот мал чекор на неговото соочување со реалноста.

Или, како што рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, новото уставно име Република Северна Македонија е реалност и дека врз основа на таа реалност моментално функционира и државата. Името не му се допаѓа и затоа ќе работи ситуацијата да се промени, откако би дошол на власт.

Види, види каква итарпејовштина, старата голема лага ја замени со нова, додуша само малку помала. Откако ќе станел премиер по брзи вонредни парламентарни избори ќе работи на ситуацијата. Ај да видиме  каква е таа ситуација.

Христијан Мицкоски нема да смени ни една запирка од потпишаните договори, но големата лага сѐ уште дава изборни поени. Многу луѓе сакаат да веруваат во тоа, па зошто да не им се нуди и натаму таква приказна.

Ставам две раце во оган ако се случи Мицкоски да стане премиер и ВМРО-ДПМНЕ да формира влада со двотретинско мнозинство во парламентот дека ама баш ништо нема да промени од веќе ратификуваните договори ниту со Грција, ниту со Бугарија. А, во суштина, нема ништо полесно од раскинување на договорите. Доволно е да не ги спроведува и за час ќе се вратиме на старите добро познати позиции. Договори што не се спроведуваат не важат. Може и еднострано храбро и ептен патриотски и вмровски да им каже на комшиите дека завршија предавствата на националните интереси подобро гроб отколку роб, подобро „рат“ отколку пакт. Така, ќе си го сочуваме уставното име. Ќе си го сочуваме и националниот идентитет, јазикот, историското и подалечно и поблиско минато, иако никој не ни ги одзел.

Мицкоски, како и премиерот Киријакос Мицотакис, ќе си ја свитка опашката, пак ќе удри по Зоран Заев, како што оној удри по Алексис Ципрас, дека договорите се штетни за Грција, но ќе мора да се спроведуваат. Мицкоски ќе ја засили со убави зборови својата определба кон членството во ЕУ, ќе го воздигнува сојузништвото во НАТО, небаре тој и ВМРО-ДПМНЕ ја завршиле таа работа. И така со ред.

А за излажаните граѓани кои веруваа дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе го вратат уставното име дури и при двотретинско мнозинство во Собранието, тоа ќе биде забошотено и прикриено со нови поголеми гајлиња, со соочување со нови реалности многу потешки од сегашните кои секогаш се повторуваат кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт.

Летајќи сѐ уште на крилата на победата на локални избори Мицкоски го одржува моментумот со брзи избори бидејќи, како што вели, по оставката на премиерот Зоран Заев целата влада нема легитимитет и кредибилитет, што значи и распуштање на Собранието. Не знам зошто не го покренува прашањето за легитимитетот и на претседателот на  државата Стево Пендаровски, бидејќи според неговите мерила сѐ што е од СДСМ предложено и избрано на парламентарни и на претседателски избори – автоматски го губи легитимитетот по пораз на локални избори. Една нова комунална мерка за легитимитет и кредибилитет на владата.

Па така станаа силни аргументи за брзи предвремени парламентарни, а зошто да не и претседателски избори, пандемијата со корона вирусот со која „неспособните“ министри не можат да се справат, а ќе ја решат само експертите на ВМРО-ДПМНЕ. Со енергетската криза која ќе ја погоди божем само Македонија и која е резултат на 40-годишно игнорирање на овој проблем може да  ја разреши само Мицкоски, иако и тој има лично свој удел во тоа. Човекот се разбира од енергетика и кризата може да ја реши за 24 часа само ако е премиер.

Бранот на поскапувања и на инфлација која има увозна компонента, а Мицкоски ја сведува само на домашен терен, исто така, не може да биде разрешена додека тој не формира кредибилна и стабилна влада.

Меѓуетничките односи во Македонија може да ги крене на многу повисоко ниво само ВМРО-ДПМНЕ, како веќе докажан политички фактор со високи дострели во процут на демократијата и бескомпромисен борец за човековите права и слободи. Владеењето на правото и ефикасната борба со организираниот криминал и корупција ќе почнат со широко отворени врати на „Идризово“ и на „Шутка“ со смена на станарите. Невините патриоти ќе одат на слобода, а вистинските виновници и предавници во затвор. Медиумските слободи ќе се подобрат од 90. место на 134. на светските ранг-листи.

После сите овие најавени успеси и дадените ветувања на локалните избори и големата победа за да се одбегнат трошоци и да не се креваат тензии мислам дека најдобро е да им се даде целата власт на ВМРО-ДПМНЕ и неговите коалициски партнери со десетгодишен мандат да ги оправат работите и во државата, во економијата, во демократијата, да ги средат односите со соседите и со ЕУ и со НАТО. Подобро е така отколку постојано да одиме на избори. А и онака ВМРО-ДПМНЕ дава најдобри резултати со десетгодишен мандат. Во тоа веќе еднаш се уверивме.

Единствено не сум сигурен дали ќе се прави голем дочек со леб и сол, зурли и тапани на скопскиот аеродром „Александар Велики“ на Никола Груевски, оти тој може да биде покредибилен и полегитимен од Христијан Мицкоски. Или пак големиот реформатор и заслужен емигрант невино прогонет ќе се врати тивко без големи таламбаси со сите почести да си го проживее остатокот од животот спокојно, оти е свесен дека ако му се зголемат амбициите може да ја доживее судбината на братот Љубе Бошковски.

За сите овие аргументи навистина се потребни брзи избори оти железото се кове додека е жешко.