Мицкоски има проблем. Духот на Ратко Младиќ шета низ Владата
Премиерот засега молчи за глорификацијата на воениот злосторник. Молчи и ВМРО-ДПМНЕ. Молчи и претседателката Сиљановска. И чекаат да помине бурата
Премиерот Христијан Мицкоски има проблем. Не е тоа противењето за изградбата на дата центри, не е ни тешката живеачка на неселението, не се ни високите цени на горивата поради војната на Блискиот Исток. Генералот кој умре во Хаг (а служеше едно време во Македонија како офицер на ЈНА) осуден на доживотен затвор за воени злосторства се појавува во владините ешалони, а премиерот овие неколку дена нема одговор како да го реши овој проблем. Ниту неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.
Скандалозното величење на Ратко Младиќ од страна на коалицискиот партнер Демократската партија на Србите, која има министер за локална самоуправа (а претходно беше вицепремиер) и од директор на владина агенција од истата партија го стави Мицкоски во небрано – дали да го штити како досега министерот Иван Стоилковиќ и глорификацијата на воениот злосторник да ја префрли врз своите плеќи како премиер, или барем вербално да се огради од овие непримерни постапки. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ одлучија да молчат. Барем засега. А со зашиени усти молчат и нивните коалициски партнери Вреди и ЗНАМ.
И претседателката Гордана Сиљановска-Давкова (тој самопрогласен борец за правда, еднаквост и почитување на правата на луѓето) молчи. Како да не гледа што се случува. Молчи и Левица.
Но молчењето и чекањето да помине бурата не го решава проблемот. Премиерот ќе биде изложен на ветрометина цело време ако не се дистанцира од Стоилковиќ, бидејќи поради разни калкулации, врски и ангажмани очигледно не ќе може да го смени.
Стоилковиќ веќе имаше еден инцидент во Собранието при изборот на новата влада, кога навредуваше пратеници и кога ситуацијата беше до работ на голем инцидент со непредвидливи последици (за што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ имаа еден вид извинување), но ова е далеку посериозно од тоа. Ова е глорификација на воен злосторник од самите коридори на власта.
Ако ја оставиме настрана Србија или Република Српска, слично величење на Ратко Младиќ се случи во Црна Гора од страна на просрпските партии кои се дел од владината коалиција и создадоа голем проблем за владата на Милојко Спаиќ.
Европската комисија во петокот објави дека секое величење на воените злосторници е спротивно на европските вредности и нема место во Европската унија или кај кандидатите за членство.
Во одговор на прашањата од подгоричкиот весник „Вијести“, Европската комисија потсети дека Ратко Младиќ отслужуваше доживотна казна затвор за злосторства против човештвото и геноцид во Сребреница и дека е воен злосторник кој е прогласен за виновен од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и осуден на доживотен затвор во 2017 година. Оваа пресуда беше потврдена во жалбената постапка пред Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали во 2021 година.
Хрватското министерство за надворешни работи соопшти дека во преговорите за пристапување, Загреб ќе инсистира на соочување со минатото, гонење на воените злосторства, почитување на пресудите на меѓународните судови и добрососедски односи.
Меѓу црногорските функционери кои го величаа Ратко Младиќ се издвои претседателот на Собранието на Црна Гора и лидер на Новата српска демократија (НСД) Андрија Мандиќ, кој рече дека упатил сочувство на семејството во свое име и во име на својата партија.
Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ реагираше на ова велејќи дека односот кон семејството на починатиот не може да биде изговор за релативизирање на воените злосторства и нагласи дека Црна Гора мора да ги почитува пресудите на меѓународните судови, јасно да ги осуди воените злосторства, да го зачува достоинството на жртвите и нивните семејства и да отфрли какво било глорификација и релативизација на воените злосторства.
Глорификацијата на Ратко Младиќ од страна на коалициски партнер во македонската влада сигурно не е останато незабележано од Европската унија и нејзините претставници овде. Тоа сигурно не е дел од она постојано фалење дека македонската надворешна политика е сто отсто усогласена со европската. Ова е втор „инцидент“ околу усогласеноста со европската политика по неодамнешното патување на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во Изрел и неговите разговори со Гидеон Саар, шефот на тамошната дипломатија. Саар е осомничен воен злосторник од страна на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
Македонските опоцизиски партии СДСМ, ДУИ и ЛДП два дена реагираат на ова скандалозно однесување на владини функционери. СДСМ денеска на прес конференција (Кети Штерјова) рече дека глорификацијата на Младиќ е „дел од поширока агенда, Вучиќ, руска агенда, кинески инвестиции, воодушевување од Кина… ‘Српскиот свет’ сега и во форма на почитување на воениот злосторник. Поделбите меѓу граѓаните во општеството, создавањето етнички тензии, навредите на Мицкоски, сето ова е дел од операцијата ‘Талог’ за која предупредувавме“.
Од СДСМ велат дека одобрувањето или оправдувањето геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства е кривично дело и го наведуваат Членот 407-а од Кривичниот законик кој предвидува одговорност за „Одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства“. Членот 319 од Кривичниот законик го санкционира предизвикувањето или разгорувањето национална, расна или верска омраза, раздор и нетрпеливост.
„Значи, законот постои. Кривичното дело постои. Надлежна институција постои. Што чека Јавното обвинителство? Повик од Мицкоски?
Јавното обвинителство мора да постапи за величањето на Ратко Младиќ и да ја утврди одговорноста на Иван Стоилковиќ, неговата партија и Далибор Китановиќ. Стоилковиќ е министер во Владата на Мицкоски и претседател на Демократската партија на Србите. Китановиќ е директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците“, рекоа од СДСМ.
Од ДУИ прашуваат што прави коалицискиот партнер на Мицкоски, Вреди. „Ратко Младиќ не е фигура за дебата или историска интерпретација. Тој е осуден воен злосторник со доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, одговорен, меѓу другото, за геноцидот во Сребреница, каде што беа убиени повеќе од 8.000 мажи и момчиња бошњаци. И ова не е ниту изолиран случај: Иван Стоилковиќ и неговата српска партија постојано покажувале такви ставови, нарекувајќи го масакрот во Сребреница ‘некрофилски Дизниленд’. И што прави Вреди? Се однесува како да е невладина организација или опозициска партија: чека да реагира јавноста, народот и другите партии, а потоа излегува со некаква формална реакција за да си ги измие рацете.
Вреди повеќе не може да се крие зад реакција на Фејсбук. Историјата ќе ја памети оваа заедничка историја на ВЛЕН со неговите партнери: молк пред овеличувањето на злосторниците и потчинување пред власта“, велат од ДУИ.
За ЛДП, глорификацијата на Младиќ не е прашање на политички став, национална припадност или различно толкување на историјата. За геноцидот нема „друга страна на приказната“ кога фактите се утврдени со правосилни пресуди на меѓународните судови. Особено е недозволиво ваквата глорификација да биде поврзана со носители на високи државни функции, велат од ЛДП.
Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ денеска не беше за величењето на Ратко Младиќ од страна на министер, туку зошто српски пејачи пееле во македонски општини. Партијата наведува дека Лепа Брена ќе пеела во Крива Паланка (таму има градоначалник од СДСМ), кога оваа фолк ѕвезда пее со години речиси низ сите поголеми градови каде што владее ВМРО-ДПМНЕ. И концертот во Крива Паланка наводно било поврзувањето со „српскиот свет“. Партијата најпосле се дообјаснуваше: „Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, ние како политичка партија немаме ништо против, но вредно е да се нотира дека овие пејачи српската опозиција ги прогласи за режимски на Александар Вучиќ“. (Н.В.)