Мицкоски има план за уставните измени, но ќе го објави по избори


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, очекува да се засилат притисоците од дипломатите за промена на Уставот, но дека тој ниту за милиметар нема да отстапи бидејќи останува на ставот дека овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени.

„Од тоа што го разговаравме со министерката за надворешни работи на Германија, јас ги кажав нашите аргументи, не е пристојно да кажам што тие говореа, но не слушнав доволен број аргументи со кои би ме убедиле да го променам својот став. Затоа, заклучокот беше дека овој Парламент нема мандат за уставни измени, дека под бугарски диктат ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати уставни измени и дека имаме план кој е составен од три дела којшто содржи национален, политички и економски план. Подготвени сме тој план веднаш по изборите да го ставиме на располагање пред дипломатите на ЕУ “, рече Мицкоски.

Тој повтори дека излез од проблемот се брзи предвремени парламентарни избори на кои партиите ќе излезат со план за надминување на проблемот.

„ВМРО-ДПМНЕ се однесува сериозно и нуди план за излез од кризата, а прв чекор се предвремени парламентарни избори. Порачувам на сите коишто доаѓаат, луѓето кои го водат процесот денеска – владата на ДУИ и СДСМ е некредибилна и не ужива авторитет кај граѓаните. Секој од нив треба да е свесен дека кога ќе застане до тие луѓе самиот си прави проблем, бидејќи набрзо од денеска ќе мора да се соочи со фактот дека стоел, се сликал и позирал со луѓе коишто длабоко биле вовлечени во криминал и корупција и тоа не знам како ќе биде во нивните матични држави прифатено. Затоа апелирам да не ја спасуваат политичката кариера на политичките криминалци од владата на ДУИ поддржана од СДСМ, да се завртат кон народот и да прашаат народот што очекува, а народот очекува час поскоро нова влада којашто ќе биде поддржана од народот“, рече Мицкоски.

Тој вели дека очекува притисоците од дипломатите да се засилат бидејќи, според него, тоа го бараат од нашата Владата.

„Притисоците ќе продолжат оти овие од Владата бараат да се прават притисоци. Нема проблем, јас немам проблем да ги издржам притисоците. Дали се жестоки, да жестоки се и ќе продолжат, но разликата од Преспа е дека сега ВМРО-ДПМНЕ е конослидирано, обдинето и нема слаба алка, сега не се други центри на влијание. Единствени сме, не затоа што водиме инает, туку веруваме дека ова што го правиме е историја. Јас лично ни милиметар нема да се поместам и ќе ги истрпам сите притисоци кои верувајте не се пријатни. Но после ова или ќе не биде или нема да не биде, јас верувам дека ќе не биде“, рече Мицкоски.

Тој исто така  се чувстува засрамено што некогаш ја запознал градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска.

-Понекогаш човек и се срами за тоа што го гледа. Се чувствувам засрамено што воопшто имав можност во животот да запознаам една таква личност. И таа и СДСМ им должат извинување на скопјани – најпрвин поради навредите кон мене и ВМРО-ДПМНЕ и луѓето кои што работеа таа да стане градоначалник, рече Мицкоски при посетата на општина Илинден.