Мицкоски има лична нетолеранција спрема Албанците, тврди Бујар Османи


Фото: Б. Грданоски

 

Поранешниот министер за надворешни работи и сега кандидат за градоначалник на Чаир од ДУИ, Бујар Османи, оценува дека владата на Христијан Мицкоски води системска политика за маргинализација и потиснување на Албанците од сите општествени текови.

„Владата на ВМРО и ЗНАМ, предводена од Христијан Мицкоски, во полн интензитет продолжува да ја спроведува политиката која треба да ги отстрани Албанците од општествените текови, враќајќи ги на нивните периферни позиции од пред Рамковниот договор“, пишува Османи. Тој го обвини Мицкоски за длабока нетолеранција кон Албанците, која според него се манифестира и на лично и на институционално ниво.

„Оваа политика на Мицкоски неретко ја гледаме како израз на неговиот личен карактер: ‘ќе ги вадиме за уши’, ‘ќе им го покажеме местото’, но и во неговата професионална, или службена поставеност на отстранување на Албанците од концентричните кругови на неговото најтесно окружување: од неговиот личен кабинет, преку најблискиот круг на административна поддршка во владината зграда, па сѐ до клучните владини работни групи или во делегацијата на клучните работни посети“, истакнува Османи.

Како особено понижување за Албанците, Османи го наведе и доделувањето на ресорот за Охридскиот договор на, како што го нарече, „српскиот свет во земјава“.

Тој предупредува и на низата други штетни чекори кои, според него, ја потврдуваат оваа политика: од укинувањето на Балансерот, преку маргинализацијата на Бадентеровиот механизам, до отстранувањето на Албанците од политиките на Централната банка и финансиските институции.

„Овие механизми – Бадентер, балансер, јазична застапеност итн., – претставуваат механизми за заштита од мајоризација, и токму тие се најголемата пречка за спроведувањето на крајната радикална националистичка политика на Мицковки, ВМРО и ЗНАМ кон Албанците“, истакнува Османи.

Во обраќањето, тој укажа и на улогата на т.н. прокси играчи на Мицкоски, како Уставниот суд, ДИК, Централната банка и други тела, преку кои се реализира оваа стратегија. Според него, најбедна е позицијата на остатоците од ВЛЕН во Владата.

„Тие и самите се понижени и отстранети од масата кога Македонците носат одлуки, но уште потрагично, потоа мора да ја играат улогата на поданици – да ги спроведуваат, правдаат и да им даваат легитимитет на овие одлуки“, нагласува Османи.

Како одговор на сè ова, Османи порача дека овие избори се референдум за достоинството и еднаквоста на Албанците.

„Ова не е повеќе обична политичка битка. Ова е историски миг во кој Албанците мора да се изјаснат – дали ќе прифатат повторно да бидат неми набљудувачи додека ги бришат од системот? Дали ќе дозволат повторно да бидат ‘толерирани’ наместо вреднувани?“, прашува Османи.

Тој порачува дека Албанците нема да се откажат од европската перспектива на државата и ќе се спротивстават на секој обид за приближување кон антизападни геополитички центри.